dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Државниот завод за ревизија одбележа 26 години посветена работа и институционален развој

18.12.2025

Државниот завод за ревизија одбележа 26 години постоење, институционален развој и посветена работа во служба на јавниот интерес. Оваа годишнина беше повод да се истакне улогата на ДЗР како столб на отчетноста, транспарентноста и доброто управување со јавните средства, но и како институција која континуирано се развива во чекор со современите ревизорски практики.

Настанот беше збогатен со присуство на високи државни и институционални претставници, потпретседателот на Собранието, министри, амбасадори и дипломати, главни ревизори и претставници на врховните ревизорски институции, граѓански организации и донатори, како и медиуми и вработени на Државниот завод за ревизија, сегашни, поранешни и пензионирани. Таквото разнолико и значајно присуство ја нагласи улогата на ДЗР како кредибилна институција во градењето доверба и унапредувањето на јавните политики.

По обраќањата посветени на институционалната улога и развојот на Државниот завод за ревизија, главниот државен ревизор, г.Максим Ацевски посочи дека „26 години Државниот завод за ревизија значат континуирана заложба за независна, професионална и објективна ревизија, со јасна цел на зајакнување на довербата на граѓаните во институциите и подобрување на квалитетот на јавните политики“, нагласувајќи дека современата ревизија, покрај контролната, има и значајна советодавна и превентивна улога.

Во рамки на свеченото одбележување, подпретседателот на Собранието, г.Антонио Милошоски, истакна дека „силна и независна врховна ревизорска институција е неопходен предуслов за ефикасен парламентарен надзор и за зајакнување на демократските процеси“, при што ја потенцираше континуираната поддршка на Собранието за натамошен развој и унапредување на ревизорската функција.

Осврнувајќи се на влијанието на ревизорските наоди врз управувањето со јавните финансии, министерката за финансии г-ѓа Гордана Димитриеска Кочоска нагласи дека „наодите и препораките на Државниот завод за ревизија претставуваат значаен инструмент за унапредување на фискалната дисциплина и одговорното управување со јавните финансии“, додавајќи дека преку партнерска соработка со ДЗР се создаваат поефикасни и поодржливи јавни политики.

Во контекст на улогата на ревизијата на локално ниво и нејзиното значење за секојдневниот живот на граѓаните, министерот за локална самоуправа, г.Златко Перински, посочи дека „како министер за локална самоуправа, силно верувам дека ревизијата е неопходна алатка за градење одговорни и транспарентни општини, кои навистина работат во интерес на граѓаните“, нагласувајќи ја важноста од доследна имплементација на ревизорските препораки на локално ниво.

Во таа насока, Државниот завод за ревизија го промовираше и воведувањето на нова ревизорска алатка за анализа на договорите за јавни набавки, наменета за сите единици на локалната самоуправа, која овозможува навремено идентификување на ризици, подобар надзор над спроведувањето на договорите и дополнително јакнење на превентивната улога на ревизијата.

Свеченото одбележување на 26-годишнината уште еднаш ја потврди улогата на Државниот завод за ревизија како современа, отворена и професионална институција, која останува доследно посветена на заштитата на јавниот интерес и јакнењето на доброто управување.