Во просториите на Државниот завод за ревизија денеска беше потпишан Меморандум за меѓу-институционална соработка, кој ја означува посветеноста на институциите за обезбедување ефикасен, професионален и транспарентен процес на полагање на испитот за стекнување на звањето Овластен државен ревизор.
Меморандумот го потпишаа м-р Максим Ацевски, Главен државен ревизор, д-р Љубица Караманди Попчевски, директорка на Агенцијата за администрација, и Јетон Акику, директор на Агенцијата за електронски комуникации. Со овој документ, потписниците ја потврдија својата заедничка посветеност на координацијата, транспарентноста и поддршката на професионалниот развој на државните ревизори.
Страните се обврзуваат да ги стават на располагање сите потребни ресурси и експертиза, и тоа од просторни и технички услови до стручна поддршка за непречено и безбедно спроведување на испитните сесии. Меморандумот овозможува јасна меѓу-институционална соработка и координација, што го гарантира високото ниво на професионалност и интегритет во целиот процес.
Со потпишувањето на Меморандумот, Државниот завод за ревизија заедно со партнерите ја зацврстува својата улога во развојот на професионалната стручност и компетентност на овластените државни ревизори, како и посветеноста на квалитетот, интегритетот и одговорноста во јавниот сектор.