На ден 13.03.2025 година, во Државниот завод за ревизија се одржа работилница во рамки на програмата за Ефикасно управување со средствата во јавниот сектор (EАПС) на која учествуваа претставници и експерти од Центарот за извонредност на финансиите (ЦЕФ), институции во јавниот сектор и државни ревизори од Државниот завод за ревизија.
Во своето воведно обраќање, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски заблагодарувајќи се на присуството и поддршката на Амбасадорот на Република Словенија во државата, Н.Е. Грегор Прескер и на претставникот од Центарот за извонредност на финансиите (ЦЕФ) г-ѓа Јасмина Поповиќ, истакна задоволство од успешната соработка помеѓу ДЗР и ЦЕФ, притоа презентирајќи ги успешните резултати на ДЗР и остварениот евидентен прогрес изминатите години.
Амбасадорот на Република Словенија г. Грегор Прескер, поздравувајќи ги резултатите и успехот на Државниот завод за ревизија потенцираше дека ДЗР како Врховна ревизорска институција во државата е препознаена како една од најуспешните приказни во јавниот сектор и токму поради тоа со задоволство пријателската држава Република Словенија е и ќе продолжи да биде поддржувач на сите активности за размена на искуства и практики во областа на управувањето со јавните средства.
Претставникот од Центарот за извонредност во финансиите г-ѓа Јасмина Поповиќ потенцирајќи ги видливите заложби на Државниот завод за ревизија за континуирано вложување во едукација на знаењата и вештините на своите вработени, изрази задоволство од досегашната успешна соработка притоа ги нагласи очекувањата за нови успешни заеднички активности и во наредниот период.
На денешната работилница учесниците како експерти од повеќе држави во рамки на проектните активности, ги споделија своите искуства, знаења и практики во начинот на управувањето со јавните средства, a истовремено беа дискутирани и договорени активностите кои ќе следат во тригодишниот проект кој ќе опфати учесници од околу 15 земји со кои Центарот за извонредност на финансиите има успешна соработка.
Помошник главниот државен ревизор г-ѓа Катица Николовска го пренесе и презентираше досегашното искуство на ДЗР и клучните утврдени состојби од извршените ревизии на теми и области кои го опфаќаат управувањето на јавните средства во државата.