dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Главниот државен ревизор на средба со Претседателката на државата Сиљановска-Давкова

07.02.2025

Со цел продлабочување на соработката и унапредување на улогата на Државниот завод за ревизија во обезбедувањето транспарентност и отчетност во работата на државните институции, Главниот државен ревизор, г-дин Максим Ацевски, оствари работна средба со Претседателката на Република Северна Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова.

Средбата, која се одржа во Вила Водно, беше посветена на досегашните резултати на Државниот завод за ревизија и на поставувањето на стратегиите кои ќе го водат неговиот понатамошен развој.

Главниот акцент беше ставен на значењето на ревизиите како клучен механизам за создавање стабилно и отчетно контролно опкружување. Идните активности на ДЗР ќе бидат насочени кон уште поголемо зајакнување на ефикасноста на ревизијата на јавните средства, како и кон зајакнување на институционалната одговорност и транспарентноста во работењето на државните институции отчетност во работењето на државните институции. Нашата цел е да ги унапредиме процесите на ревизија и да создадеме поефикасно и транспарентно опкружување, каде што секое јавно финансирање ќе биде во интерес на граѓаните“, истакна г-дин Максим Ацевски, Главен државен ревизор.

Во контекст на ова, тој истакна дека значајно е донесувањето на новиот Закон за државната ревизија, кој значително го унапредува оперативниот и финансискиот капацитет на Државниот завод за ревизија. Со новиот закон, ДЗР добива уште поголема независност во своето работење, овозможувајќи му да ја зголеми ефикасноста во ревизијата на јавните средства и да има посилна улога во обезбедувањето на поголема транспарентност и отчетност во работењето на државните институции.

Претседателката на Република Северна Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова, изрази импресионираност од темелниот, стручен и професионален однос на ДЗР во вршењето на надлежностите, што ја вбројува во најпочитуваните државни органи дома, но и од надвор. Таа изрази особена поддршка за системскиот и транспарентен пристап кон работата, укажувајќи на потребата од законско и домаќинско управување со јавните добра и средства, како и  санкционирање на незаконските постапки. Во тој контекст, Претседателката ја потврди поддршката за Законот за државна ревизија и потребата од гарантирање уставен статус на ДЗР, нагласувајќи ја виталната улога на ДЗР во осигурувањето на транспарентност и отчетност во работата на државните органи.

Средбата беше уште една потврда на посветеноста на институциите за продолжување на напорите за унапредување на јавниот сектор, со цел зголемување на довербата на граѓаните во работата на државните органи.