dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Конечните ревизорски извештаи ќе се разгледуваат и дискутираат во матичните комисии во Собранието

15.07.2024

На покана на Претседателот на комисијата за економски прашања, труд и енергетика во рамки на Собранието на РСМ, г. Бојан Стојановски, на денешната седница на Комисијата се одржа работна средба на која присуствуваа Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми со своите соработници од Државниот завод за ревизија, како и г-ѓа Лидија Стојкова Зафировска, Виш програмски менаџер на НДИ.

Целта на одржаната работна средба беше разгледување на можности за продлабочување на соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на РСМ и воспоставување на редовна практика на разгледување и дискусија по конечните ревизорски извештаи во собраниските комисии и матични тела, како продолжување на позитивната практика која беше воспоставена со Комисијата за финансирање и буџет на која за прв пат беше разгледан и се дискутираше по конечен ревизорски извештај.

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, изразувајќи благодарност за поканата, ја поздрави иницијативата на Претседателот и членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетика потенцирајќи дека единствено преку искрени и сериозни заложби од надлежните институции, проактивно и координирано делување на сите засегнати страни, може да се придонесе за ефективен надзор во управувањето со јавните средства.

На седницата беше донесен заклучок дека во следниот период разгледувањето на конечните ревизорски извештаи ќе биде еден од приоритетите како на Собранието на РСМ, така и на Комисијата за економски прашања, труд и енергетика, а ќе бидат преземени активности и за поефикасно следење на имплементацијата на дадените препораки до субјектите предмет на ревизија во конечните ревизорски извештаи.