dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Меѓусебна поддршка за ефикасно управување со јавните средства

27.06.2024

Денеска, на 27.06.2024 година, во просториите на Државниот завод за ревизија, новоизбраниот министер за финансии, г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска, оствари работна средба со главниот државен ревизор, г. Максим Ацевски.

Прашањата поврзани со предизвиците во управувањето со јавните финансии, потребата од зголемена транспарентност и отчетност во управувањето со јавните средства и значајната улога на Државниот завод за ревизија во насока на зајакнување на институционалните капацитети и создавање на ефикасно контролно опкружување и заштита на јавните средства, беа предмет на дискусија на денешната работна средба.

Главниот државен ревизор, г. Ацевски ја поздрави иницијативата на министерката Димитриеска-Кочоска и изрази подготвеност за понатамошна соработка и поддршка. Истовремено, беше потенцирана важноста за донесување на новиот Закон за државна ревизија, со кој се зајакнува финансиската и оперативната независност на Државниот завод за ревизија, а воедно обезбедува и можност за постапување по препораките од ревизијата и разгледување на ревизорските извештаи од страна на Собранието.

Оваа активност претставува одговор на барањата од Европската унија и Меѓународните стандарди за државна ревизија (ISSAI), - истакна Главниот државен ревизор.

Оваа средба е само една од многуте активности кои се во насока на унапредување на улогата на државната ревизија кое е од клучно значење за остварување на поставените реформски цели во финансискиот сектор – додаде Димитриеска-Кочоска.

Двајцата соговорници изразија отвореност и заложба за поинтензивна соработка, со цел за подобро и поодговорно управувањето со јавните средства и зголемување на довербата на граѓаните во ефикасноста на системот и начинот на користење на средствата на даночните обврзници.