dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Неунифицирани услови за управување со капиталните трансфери

16.06.2021
Слика
Капитални трансфери кон општините од Буџетот на РСМ

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

- Соопштение за медиуми-              

Скопје, 16.06.2021 година

 

Неунифицирани услови за управување со капиталните трансфери кон општините од Буџетот на РСМ!?

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Капитални трансфери кон ЕЛС од Буџетот на РСМ“, согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2020 година, со цел да се даде одговор на прашањето: Дали е воспоставен ефективен систем на управување со капиталните трансфери кон ЕЛС од Буџетот на РСМ?

Ревизијата на успешност го опфати периодот 2017 - 2019 година, како и одредени области, прашања и настани пред 2017 година и последователно до денот на известување за извршената ревизија.

Со извршената ревизија, во областа на нормативните услови за управување со капиталните трансфери, ревизорите утврдиле дека законската регулатива нема пропишано унифициран начин на постапување на буџетските корисници во управувањето со капиталните дотации. Имено, Владата на РСМ уште во 2004 година имала обврска да донесе Уредба за методологија за распределба на капиталните дотации, но истата сеуште не е донесена. Ваквата состојба доведува до различно постапување на буџетските корисници со што се оневозможува интегрирано управување со капиталните дотации, а се отежнува и нивното следење и можноста за јасна и целосна слика за состојбата со истите.

Ревизорите утврдиле дека во отсуство на информации за капитални дотации во буџетскиот циркулар, а имајќи го предвид рокот и начинот на донесување на Годишните програми и Одлуките за нивна реализација, општините не се во можност реално да ги планираат приходите и расходите од капитални дотации.
Најголеми отстапувања помеѓу планираните и реализираните расходи има во делот на капиталните расходи. Во 2017 година истите се остварени во износ од 40% од планираните капитални расходи, во 2018 година процентот изнесува 41%, додека во 2019 година нивната реализација изнесува 60%.

Со извршената ревизија е констатирано дека во периодот 2017-2019 година од Буџетот на РСМ до ЕЛС за капитални инвестиции во инфраструктура и унапредување на животната средина се трансферирани околу 3 милијарди денари. Учеството преку секој буџетски корисник во вкупно трансферираните средства за капитални инвестиции во ЕЛС е прикажано во следниот график.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека капиталните инвестиции најчесто опфаќаат изградба на инфраструктурни објекти за чија реализација е потребен подолг временски период, носењето на одлука за нивно финансирање во средината на тековната година, создава ризик за целосна и навремена реализација на средствата обезбедени со буџетот за тековната година за таа намена.

Во периодот предмет на ревизија, од Владата на РСМ се трансферирани средства во износ од 896 милиони денари за капитални инвестиции кон ЕЛС, од кои најголемиот дел или 643 милиони денари се трансферирани како средства за намалување на аерозагадувањето, особено во општините со најголем процент на аерозагадување. Дополнително, Владата трансферирала средства во износ од 140 милиони денари за чистење и депонирање на комуналниот отпад во општина Тетово.

Исто така, ревизорите утврдиле дека преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, во периодот 2017-2019 година се реализирани вкупно 776 милиони денари за капитални инвестиции до општините. Исплатени се средства за финансирање на вкупно 162 проекти до 65 општини, од кои 36 се градски општини и за нив се трансферирани 448 милиони денари, додека пак 29 се рурални општини за кои се исплатени 328 милиони денари.
Анализата на податоците укажува дека најмногу средства се дадени за подмерките за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини.

Со ревизијата се утврди дека и покрај законската обврска, буџетските корисници преку кои се реализираат програмите со мерки за капитални дотации, не доставуваат целосни информации до Владата на РСМ за реализацијата на активностите. Ваквата состојба доведува Владата на РСМ да нема целосна слика за вкупно трансферираните средства, како и за степенот на реализација и ефектите на капиталните инвестиции, што пак влијае врз носењето на националните одлуки за ефикасна распределба на средствата по проекти за капитални инвестиции во идните периоди.

Линк до извештајот:

https://dzr.mk/sites/default/files/2021-06/44_RU_Kapitalni_transferi_kon_ELS_od_Budzetot_na_RSM_2020_KOMPLET_REDUCE.pdf

Прес контакт:

Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203

albiona.mustafa@dzr.gov.mk

Мијалче Дургутов +389 70 358 486

[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517

[email protected]