dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Продлабочување на соработката со Францускиот суд за ревизија

03.07.2026

Во периодот од 30 јуни до 1 јули 2026 година, делегација на Државниот завод за ревизија, предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, престојуваше во официјална посета на Францускиот суд за ревизија (Cour des comptes).

Во рамките на посетата беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Францускиот суд за ревизија, од страна на Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и првиот претседател на Францускиот суд за ревизија, г-ѓа Амели де Моншален. Меморандумот претставува значаен чекор кон понатамошно продлабочување на билатералната соработка, размена на професионални знаења и искуства и зајакнување на институционалните капацитети на двете врховни ревизорски институции.

За време на средбата, Главниот државен ревизор искажа благодарност до Францускиот суд за ревизија за овозможеното учество на ревизор од Државниот завод за ревизија во ревизијата на Меѓународната организација за миграција (IOM), заедно со тимот на Францускиот суд за ревизија. Оваа можност претставува уште една потврда за успешната соработка и високото ниво на меѓусебна доверба меѓу двете врховни ревизорски институции.

За време на посетата беа одржани повеќе работни состаноци посветени на размена на искуства и добри практики во областа на државната ревизија. Посебен акцент беше ставен на техничката поддршка во рамки на Фондот за борба против корупцијата, следењето на реализацијата на ревизорските препораки, ревизијата во реално време, тематските ревизорски извештаи поврзани со еколошката транзиција, како и примената на вештачката интелигенција во работата на врховните ревизорски институции.

Во рамки на воспоставената соработка, до крајот на 2026 година ќе се реализира серија работилници посветени на размена на искуства во областа на спречувањето на корупцијата. На работилниците, покрај претставници на двете врховни ревизорски институции, ќе бидат поканети и претставници на надлежните институции за постапување во случаи на сомнежи за злоупотреба и корупција утврдени во ревизорските извештаи.