dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Утврдени слабости во планирањето и реализацијата на јавните набавки во Министерството за односи меѓу заедниците

03.03.2026

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

- Соопштение за медиуми-           

Скопје, 04.03.2026  година

 

Утврдени слабости во планирањето и реализацијата на јавните набавки во Министерството за односи меѓу заедниците

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност за јавните набавки во Министерството за односи меѓу заедниците во 2023 година и утврди слабости, во делот на планирањето на јавните набавки, доделувањето на договорите за јавни набавки, следењето и потврдувањето на извршените стоки и услуги како и приложување на потребната поткрепувачка документација

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Јавни набавки во Министерство за односи меѓу заедниците (претходно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците) во 2023 година.

Со извршената ревизија утврдени се повеќе слабости кои се однесуваат на:

  • фазата на планирање кое се темели на историски податоци;
  • отсуство на анализа на реалните потреби;
  • истражување на пазарните услови и
  • реализација на договори без приложена веродостојна документација.

Ревизијата утврди дека Министерството нема донесено интерен акт за уредување на одговорностите во процесот на јавните набавки. Проценетата вредност на набавките се утврдувала исклучиво врз основа на историски податоци, без анализа на пазарните услови и реалната потрошувачка. Ваквата пракса резултирала со нереално планирање, при што кај 45% од договорите, односно од вкупно 20 договори, кај 9 е забележана ниска реализација (под 55% од договорената вредност), додека 1 договор не е воопшто реализиран.

Ваквата состојба придонесува за несоодветно и нереално планирање на потребните средства за исполнување на надлежностите на Министерството и влијае на резервирање на средства од Буџетот во поголеми износи од реално потребните.

Во однос на спроведувањето на постапките за јавни набавки со кои треба да се обезбеди законитост, транспарентност и еднаков третман на економските оператори, со извршената ревизија на 18 спроведени постапки, утврдени се недоследности во примената на одредбите од Законот за јавните набавки, кои влијаат врз транспарентноста и правилноста на постапките.

Имено, констатирано е дека на Електронски систем за јавни набавки се прикачуваат само изјавите за судир на интереси на претседателот на комисијата, додека изјавите на останатите членови не се објавуваат. Во осум постапки, иако во огласот и тендерската документација било предвидено склучување рамковна спогодба, склучени се поединечни договори. Дел од известувањата за склучени и реализирани договори не се објавени во законски утврдениот рок, а четири договори се потпишани пред доставување на банкарска гаранција, иако истата претставува услов за нивно склучување.

Недоследности се утврдени и при реализацијата на договорите за одбележување на значајни настани („Охридски рамковен договор и Ден на албанската азбука“), во вкупна вредност од 9,6 милиони денари.

За наведените настани се исплатени фактури во износ од над 5,2 милиони денари, но кон нив не е приложена поткрепувачка документација („спецификации за ноќевања, листи на гости, договори за ангажирани експерти“) која би потврдила дека услугите реално се извршени и би претставувале основ за евидентирање на наведените трансакции во деловните книги“. Дополнително, во тендерската документација не се дефинирани прецизни количини на стоки и услуги, проценетата вредност се темели на историски податоци без детална анализа, не е назначено лице за надзор над извршувањето на договорите, а извештаите за реализирани активности не се потпишани од одговорното лице. Ваквата состојба оневозможува потврда дека потрошените средства се согласно потребите и истите се искористени согласно буџетските начела.

Исто така при спроведувањето на останатите договори се констатирани пропусти кои укажуваат на недоволно воспоставени контролни механизми и непочитување на законските и договорните обврски и тоа:

  • кај набавката на информатичка опрема со склучен договор во вредност од 999 илјади денари, не се обезбедени детални технички спецификации во понудата, ниту записник за квалитативен и квантитативен прием на опремата;
  • за одржување на системот за ладење и греење за кој е склучен договор во вредност од 600 илјади денари, за услугите во вредност од 587 илјади денари не се доставени работни налози потпишани од овластено лице, што не овозможува потврда дека услугите се реално извршени;

  • при набавката на канцелариски материјали за кој е склучен договор во вредност од 732 илјади денари, од кои реализирани се 583 илјади денари (79%), утврдено е дека договорот иако предвидува сукцесивна испорака, нарачки не се доставувале по електронски пат, а не е воспоставена и материјална евиденција за прием и издавање на материјалите. Воедно, договорот не содржи временска рамка од максимум 12 месеци, како што е предвидено во огласот;
  • кај услугите за перење возила во износ од 354 илјади денари, понудувачот не доставил доказ за располагање со соодветен објект (перална за возила), како што е предвидено во тендерската документација, и поголемиот дел од услугите се извршени за возила кои не се во сопственост на Министерството, како и
  • кај набавката на средства за хигиена и дезинфекција во износ од 413 илјади денари, утврдено е дека кај еден понудувач невообичаено ниските цени (5 и 9 денари) не се оправдани, а од вкупно 29 ставки, набавени се само 5 со највисока цена.

За надминување на утврдените состојби, ревизијата даде препораки за преземање мерки од надлежните институции и одговорните лица со цел обезбедување транспарентно и соодветно користење на јавните средства.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]