dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Општина Свети Николе со несоодветно постапување обезбедила бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште да извршува дејност

04.12.2025

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
-
Соопштение за медиуми -

Скопје, 04.12.2025 година

Општина Свети Николе со несоодветно постапување обезбедила бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште да извршува дејност

Општината не ги доставува барањата до надлежното министерство за добивање согласност за бесправно изградените објекти на земјоделско земјиште, остварува приходи од услуги за сместување во објект „одморалиште во Стар Дојран“ без притоа да ги обезбеди потребните согласности за извршување на наведената дејност и нема обезбедено функционалност на детската градинка „Рахилка Гонева“ во с. Ерџелија

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Свети Николе, за 2024 година.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет (630) и неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики за сметката на основен буџет (637).

Ненаплатени побарувања во износ од 65.837 илјади денари, односно 1.070.520 евра, се резултат на непреземени мерки за редовна наплата, а поради неутврдената старосна структура и високата неизвесност во наплатата, истите не се соодветно вредносно усогласени.

Евидентираните побарувања за надоместок за одржување на јавна чистота во Општина Свети Николе и во ЈКП „Комуналец“ Свети Николе не се усогласени за 8.650 илјади денари, а за 2024 година општината по овој основ не остварува приходи и нема донесено Годишна програма за одржување на јавната чистота. Според сметководствената евиденција на општината, по основ на надомест за одржување на јавната чистота, ЈКП во Буџетот на општината нема уплатено 27.419 илјади денари.

Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, а ажурирањето на регистарот на недвижен имот и ревреднување на пазарната вредност е извршено во 2021 година.

Во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се донесуваат решенија за одбивање на барањата. Од поднесените 110 барања за легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, 79 барања не се доставени до надлежното министерство за добивање на согласност за издавање на одобрение за потврдување на помошен објект и за дел од нив не е извршен увид на самото место.

За изграден објект на земјоделско земјиште со катастарска култура „нива“, за кој во 2017 година поднесено е барање за утврдување на правен статус на помошен објект на земјоделско земјиште, општината не извршила увид на местото и не доставила барање до надлежното министерство за добивање на согласност, поради што предметот од 2017 година има статус во постапка за решавање, иако објектот врши угостителска дејност до 12.04.2025 година кога од страна на инспектори од МВР и ДЗС, по извршената контрола донесено е Решение за забрана за негово користење.

 

Фотографија 1

 

Фотографија 2

„Угостителски објект на земјоделско земјиште“

Во текот на 2024 година, издадени се одобренија за поставување на урбана опрема само за 3 објекти, а останатите угостителски објекти, јавната прометна површина ја користат без издадено одобрение, уплатена комунална такса за користење простор пред деловни простории за вршење на дејност. Општината нема донесено годишна програма за поставување на времени објекти, ниту се издадени одобренија за поставување на времен објект.

Фотографија 3

 

Фотографија 4

 

„Поставена урбана опрема и времени објекти“

Општината не остварува приходи по основ на комунална такса за: користење на музика во јавните локали и комунална такса за реклами, објави и огласи и нема донесена програма за општа туристичка пропаганда и информативна дејност за подобрување на условите за престој.

Не е воспоставен Зелен катастар, недостасува Стратегија за развој на зеленилото и Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото и не се остваруваат приходи по основ на надомест за одржување на јавното градско зеленило.

Утврдените неправилности во однос на начинот на стопанисување на објектот „Детско одморалиште во Стар Дојран“, давање на услуги („сместување“) за кои општината нема надлежност, без согласност од надлежните институции, издавање сметки без спецификација на услугите од фискална каса, застарените и руинирани сместувачки капацитети, имаат за ефект незаконски остварени приходи, извршување на дејност без согласност и не соодветни безбедносни услови за лицата кои се сместуваат.

Фотографија 5

 

 

Фотографија 6

„Детско одморалиште во Стар Дојран“

Изградената детска градинка „Рахилка Гонева“ во с. Ерџелија со вредност од 26.885 илјади денари, односно 437.154 евра, не е пуштена во употреба, поради необезбедени средства за изведување на пристапен пат до објектот од улица во вредност од 48.820 илјади денари, односно 793.821 евра и не инсталирана опрема за третман на вода за пиење.

Фотографија 7

 

Фотографија 8

„Детска градинка с. Ерџелија“

 Од вкупно 3.585 илјади денари од Буџетот на општината, 89% се доделени на спортски клубови и здруженија, а 11% за поддршка на спортски манифестации, со што општината не обезбедува развој на масовниот спорт и рекреативни активности, а реализацијата на програмските активности од областа на културата и невладиниот сектор, е без објавен јавен повик или објава на веб страната на општината и без претходно утврдени јасни и прецизни критериуми и услови за распределба и користење на средствата.

Со ревизијата утврдивме неевидентирано земјиште, дел од имотот нема имотни листови, несоодветно евидентирање на инвестициите по нивното завршување, немање материјална евиденција при прием и издавање материјали и слабости при спроведување на пописот на средствата и обврските.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]