Пристапувајќи кон имплементација на стратешките приоритети и цели утврдени во Стратегијата за развој на Државниот завод за ревизија за периодот 2023 – 2027 година, а пред се во делот на обезбедување на соодветни компетенции на државните ревизори, Меѓународните стандарди на INTOSAI а пред се ISASAI 150 – Компетенции на ревизорот кој стандард меѓу другото бара и „обезбедување насоки за професионален развој“, во насока на градење на култура на доживотно учење и Годишниот план за континуирано професионално усовршување за 2025 година, Државниот завод за ревизија во периодот од 13 – 17 октомври организираше работилница од областа на финансиската ревизија.
На наведената работилница учествуваа 43 државни ревизори, а подготовката на материјалите за истата и практичната настава ја изврши меѓународниот експерт John Lammerding од кралството Холандија.
Работилницата опфати повеќе теми од областа на финансиската ревизија и тоа:
- Основи на ревизијата;
- Основи на внатрешната контрола;
- Ревизорски пристап;
- Материјалност;
- Ревизорски алатки и техники;
- Видови на ризици и нивната евалуација;
- Планирање, извршување и известување од извршената ревизија;
- Ревизорско мислење и голем број на практични вежби.
Учесниците на работилницата ја искористија можноста да обезбедат меѓусебна интерактивност со меѓународниот експерт и во исто време да постават голем број на прашања и да се стекнат со Сертификат за учество на истата.
Оваа активност е дел од пошироките напори на Државниот завод за ревизија за континуирано вложување во развојот на знаењето и вештините на ревизорите, со цел создавање институција која постојано учи и се развива.
Со тоа се реализира и пораката од Годишниот извештај за работата на Државниот завод за ревизија за 2024 година, каде Главниот државен ревизор истакнува дека вложувањето во човечките ресурси е наш водечки принцип, бидејќи тоа е инвестиција што секогаш се исплати за институцијата, за државата и најмногу за граѓаните.