Во периодот 9-11 септември, Државниот завод за ревизија е домаќин на меѓународен настан за извршена паралелна ревизија на успешност на тема „Стареење на населението“ во рамки на активностите на Европската организација на Врховни ревизорски институции (EUROSAI).
Во паралелната ревизија, покрај Државниот завод за ревизија, учествуваат уште 9 Врховни ревизорски институции на Албанија, Австрија, Литванија, Малта, Парагвај, 🇵🇱 Полска, 🇵🇹 Португалија, Словачка и Чешка, како и Врховната ревизорска институција на Израел, во улога на координатор на оваа ревизија.
Со воведно обраќање настанот го отвори Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски кој на учесниците им посака срдечно добредојде во нашата држава, воедно изразувајќи очекување дека настанот ќе овозможи квалитетни дискусии и размена на искуства од сите држави учесници во паралелната ревизија, преку презентирање на клучните утврдени состојби во извршените ревизии од секоја земја учесник.
Со видео обраќање учесниците ги поздрави и г. Матанјаху Енглман, Претседател на ВРИ Израел и актуелен претседател на EUROSAI, кој истакна задоволство за одличната организација на настанот од Државниот завод за ревизија, притоа потенцирајќи ја успешната меѓународна соработка во спроведувањето на паралелната ревизија.
На настанот, презентација за демографскиот аспект и трендовите имаше г. Владимир Ѓорчев, Национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси, коj преку сеопфатните статистички податоци даде одличен вовед во натамошните работни сесии и презентации кои следуваа.
Настанот претставува одлична можност за размена на знаења, добри практики и соработка помеѓу Врховните ревизорски институции членки на EUROSAI во насока на поддршка на носителите на политиките за справување со предизвиците од стареењето на населението.