dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Енергетската транзиција како стратешки приоритет на државата се соочува со предизвици во спроведувањето на политики, обезбедување финансиски средства, технички ограничувања и изградба на нови капацитети

04.09.2025

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

-Соопштение за медиуми -

Скопје, 04.09.2025 година

 

Енергетската транзиција како стратешки приоритет на  државата се соочува со предизвици во спроведувањето на политики, обезбедување финансиски средства, технички ограничувања и изградба на нови капацитети

 

Термоелектраните како најголеми производители на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои до 2030 година треба да се затворат, се уште немаат соодветна замена бидејќи АД ЕСМ, не изградило нови производствени капацитети. Дополнително, производната цена на електричната енергија на АД ЕСМ е повисока од продажната на универзалниот снабдувач, што резултира со работење со загуба и ја доведува во прашање реформата и зелената транзиција.
Од друга страна, АД МЕПСО се соочува со барања за приклучок на  преносната мрежата кои не може да ги одобри од технички аспект. Дополнително, проектот за изградба на далекувод 400 kV кон Албанија на  Коридор 8 како регионален проект на Енергетската заедница, започнат во 2015 година е во застој

 

 

Графикон_1_7

 


Графикон 1 - 2

 

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема ”Зелена транзиција преку промовирање на обновливи извори на енергија “ со цел да даде одговор на главното прашање: „Дали планираните реформи за енергетска транзиција со обновливи извори на енергија ќе обезбедат енергетска сигурност, економска стабилност и исполнување на меѓународните обврски за декарбонизација?“

Утврдени се цели во областа на енергијата и климата кои државата има обврска да ги имплементира.

За државата како договорна страна на Енергетската Заедница  утврдена е цел за  постигнување на 38% обновливи извори на енергија во бруто финална потрошувачка на енергија до 2030 година.

Графикон 3

Со извршената ревизија утврдивме дека се спроведуваат реформи за декарбонизација, реформи на пазарот на електрична енергија кои се стратешки планирани, со заедничка декларација формирана е инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција, воспоставена е институционална рамка,  активности кои не се доволни доколку не се обезбедат услови за имплементација од страна на енергетските компании.

Имено според податоците кои ни беа презентирани утврдивме дека:

  • АД ЕСМ подолг период нема изградено  големи енергетски капацитети и се соочува со неповолна финансиска состојба. Изградена е ФЕЦ Осломеј 3 од 100MW преку ЈПП, ФЕЦ Осломеј 1 од 10MW која  до денот на ревизијата не беше оперативна.
  • Операторот на електро преносниот систем ( АД МЕПСО) треба да ја развие мрежата за интеграција на  новите инвестиции во обновливи извори на енергија.
  • Потребно е да се создадат услови за балансирање на променливото производство од обновливи извори на енергија.
  • Утврдивме застој во имплементација на проект на PECI листата на Енергетската Заедница,  изградба на електро преносна мрежа на Коридор 8 кон Албанија.

Започнати се пазарни реформи преку планирани нови мерки за поддршка во форма на аукции CfD, мерки за регионално пазарно поврзување, а се воведуваат гаранции за потекло на електрична енергија од ОИЕ, што овозможува потврдување и промоција на зелена енергија.

Клучен документ за остварување на енергетските и климатските цели e Планот за енергија и клима усвоен во 2022 година од страна на Владата. Со овој план  се дефинирани целите за намалување на емисиите на стакленички гасови за 82% во споредба со 1990 година, затворање на термоелектраните на јаглен и учеството на обновливите извори на енергија во крајната потрошувачка во износ од 38% до 2030 година. Меѓутоа утврдено е дека не се изработени извешти за следење на имплементацијата на планот, поради што отсуствува мониторинг над  спроведувањето на политиката и остварување на целите.

Во јуни 2023 година со поддршка на Делегацијата на Европска Унија и Европска банка за обнова и развој  изработен е Патоказот за праведна транзиција, усвоен од страна на  Владата.

 

Во декември 2023 година, на климатскиот самит Конференција на страните 28 во Дубаи, надлежните институции потпишале заедничка декларација за воспоставување на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP), предводена од ЕБОР.

 

Целта е да се мобилизираат до 3.000.000.000 евра инвестиции за поддршка на енергетската транзицијата преку јавни и приватни фондови. За користење на  овие средства преземени се обврски за постепено укинување на термоелектраните на јаглен, инсталирање 1,7 GW капацитет за обновлива енергија (од кои најмалку  еден (1) GW преку аукции), зајакнување на мрежата и складирање на енергија, и обезбедување праведна транзиција според Патоказот со фокус на заштита на заедниците и работниците. Како резултат на оваа декларација, на 20 март 2024 година, Инвестицискиот комитет на Климатскиот инвестициски фонд, го одобрил Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен за Република Северна Македонија, со што на земјата и беа одобрени 85.000.000 американски долари комбинирани како концесиски заеми и грантови.

 

Министерството  за енергетика, рударство и минерални суровини има изработена нацрт верзија на листа на проекти за енергетска транзиција, JETIP листа во вредност од 1.823.000.000 евра. На листата планирани се проекти за АД ЕСМ во вредност 1.120.000.000 евра и проектот за Чебрен  и Орлов Камен за кој не е наведена вредноста и проекти за АД МЕПСО во износ од 128.000.000 евра.

Од страна на Владата формиран е Совет за праведна транзиција за следење на Патоказот за праведна транзиција, Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP),  Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен и Планот за раст и Реформската агенда на ЕУ.

Во досегашниот период се користени мерки за поддршка за обновливи извори на енергија како што се повластени тарифи и премии, но се планира да се премине на пазарно ориентирани механизми.

 

Според податоците презентирани во Годишниот извештај на Регулаторна комисија за енергетика од 1.502 домашни производители на електрична енергија, 1.494 користат обновливи извори на енергија, од нив 179 користат повластена тарифа, 53 користат премија, додека 1.262 електроцентрали не користат мерки за поддршка за производството на електрична енергија.

Производители коишто користат мерки на поддршка учествуваат во износ од 16% во вкупниот инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија и во износ од 9% во вкупниот инсталиран капацитет на електрична енергија. За доделените мерки за поддршка, недостасува анализа за нивната ефикасност и влијание, а Секретаријатот на Енергетската заедница препорачува подобра анализа и избегнување на државна помош која фаворизира и има негативно влијание врз животната средина.

Во 2024 година АД ЕСМ учествува со околу 58% од вкупното производство на електрична енергија и претставува столб на домашното производство на електрична енергија и е клучен субјект во процесот на енергетската транзиција на државата. Државата до 2030 година треба да ги затвори термоелектраните кои сеуште се најголеми производители на електрична енергија, со учество од 38,4% од вкупното производство во 2024 година, а воедно и најголеми загадувачи кои испуштаат CO2 во воздухот.

Фотографија 4

Одлуката за продажба на 100% од производството на електрична енергија  на АД ЕСМ на универзалниот снабдувач по цена кој е пониска од производствената предизвикува загуба во работењето на  компанијата. Со Законот за енергетика[1]  донесен во 2018 година и во примена до мај 2025 година  било уредено дека производителот на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет е должен на универзалниот снабдувач, во постапките за набавка за електрична енергија, во согласност со правилата за набавка на електрична енергија за универзалниот снабдувач, да му понуди на продажба електрична енергија која започнувајќи од 2019 година треба да изнесува најмалку 80%, во 2024 година е најмалку 40% од вкупните годишни потреби на снабдувачот, а во 2025 година  најмалку 30%.

Графикон 5

 

 

Графикон 6

Работењето во  вакви услови на АД ЕСМ  го доведува во прашање континуитетот на работењето на  акционерското друштво и ефикасното спроведување на јавните инвестиции  во областа на енергетиката.

Продажната цена која универзалниот снабдувач ја плаќа на повластените производители и на слободен пазар е значајно повисока  од цената  која ја плаќа на АД ЕСМ. Политика за продажба на производството на универзалниот снабдувач за заштита на граѓаните од ценовни шокови  придонело за државна поддршка на АД ЕСМ преку Буџетот на државата, а АД ЕСМ во 2023 се задолжил кај ЕБОР со заем во износ од 100.000.000 евра за ликвидност со обврска за декарбонизација.

Како услов на заемот е  изработка на Студија за декарбонизација со која треба да се утврди влијанието на политиката на праведна транзиција врз целокупното работење на АД ЕСМ.

Од страна на АД ЕСМ – Сектор за развој и инвестиции во ноември 2024 изработен е план за Капитални проекти на АД ЕСМ со вкупно 26 проекти од кои 10 се активни во различна фаза на зрелост и  имплементација, а останатите 16 се  планирани проекти.

Проектот за изградба на реверзибилна хидроелектрана Чебрен и акумулацијата Орлов Камен со капацитет од 333 MW (458 MW) за производство на електрична енергија  од 1.044 GWh годишно е од клучно значење за државата поради:

  • обезбедување на електрична енергија во време кога побарувачката е најголема и подобро управување со снабдувањето со електрична енергија во Југоисточна Европа;
  • зголемување на уделот на ОИЕ во производството на АД ЕСМ од 25% на приближно 45%;
  • намалување на емисијата на CO₂ за  200.000 тони годишно.

Со Инвестицискиот план за транзиција од јаглен е определено дека на местото на  термоелектраните планирана е изградба на фото напонски централи за кои АД ЕСМ  ќе биде инвеститор,  освен изградбата на ФЕЦ Осломеј 3 со Јавно приватно партнерство.

Табела бр.1 Планирани ФЕЦ на територија на рудниците во  РЕК Битола и РЕК Осломеј

 

tabela 1

За изградба на ФЕЦ Осломеј 3 донесена е одлука за реализација во форма на ЈПП каде што приватниот партнер ќе ги покрие инвестициските и оперативните трошоци и во рок од 35 години ќе направи трансфер на сопственоста на АД ЕСМ. Според  физибилити студијата  учеството на јавниот партнер ( АД ЕСМ) е минимално и се враќа за само 1 до 2 години, а на целокупната инвестиција, враќањето на средствата е предвидено за период од 11 до 12 години.

За учеството на АД ЕСМ  ревизијата ја истакнува следната состојба:

  • проектот се гради на сопствено земјиште на АД ЕСМ во делот на рудникот,
  • постои постоечка приклучна инфраструктура,
  • проектот имал можност за неповратен инвестициски грант од WBIF како проект предвиден во Економскиот инвестициски план за Западен Балкан.
  • во форма на јавна инвестиција би овозможил целосен приход и контрола од страна на државата, со поголем социјален ефект за вработените во ТЕЦ Осломеј.

Последно изградени и пуштени во употреба јавни инвестиции во ОИЕ на АД ЕСМ се ХЕЦ Света Петка, пуштена во употреба во 2012 година и ветерен парк Богданци пуштен во употреба во 2014 година, додека ФЕЦ Осломеј 1 е изграден, но сеуште не е пуштен во употреба.

Развојот на електро преносната мрежа е клучен за обезбедување стабилна, флексибилна и одржлива енергетска иднина на земјата и регионот. Новите капацитети од обновливи извори пораснале од 303 MW на крајот од 2020 година, на над 1.500 MW до 2024 година. Иако со законските измени од 2022 година се предвидува системско планирање на изградбата на производни капацитети од ОИЕ, Владата нема усвоено Индикативен план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија.  

Поради  ова отсуствува јасна стратегија за избор и приоретизирање и дава можност за несоодветно одлучување за голем број на  барања за приклучување на  преносната мрежа. Со новиот Закон за енергетика од мај 2025 година се очекува да ја надмине оваа состојба.

Од 2011 до 2025 година донесени се Одлуки од Владата за овластување за изградба на енергетски објекти, во делот на ОИЕ за изградба на производни капацитети со инсталирана моќност над 10MW  презентирани во Табела бр.3.

Табелата бр.2 Одлуки за овластување за изградба на енергетски објекти  за обновливи извори на енергија од 2011 до 2025  година

tabela 2

Приклучоците на дистрибутивната мрежа не се усогласени со капацитетот во преносната мрежа, што може да предизвика дополнителни технички ризици за системот. Од податоците во нацрт планот за развој на електро преносниот систем има барање за дистрибутивни потрошувачи  на електро преносна мрежа во износ од 567 MW за што во изминатиот период немало усогласеност во однос на одобрувањата на приклучувања на дистрибутивна мрежа.

Според извршени студии капацитетот на мрежата моментално може да прифати само до 1,5 GW, додека барањата за приклучување на производители на ОИЕ на преносната мрежа изнесуваат 8,663 GW, од кои 6,828 GW се фотоволтаични централи, а 1,835 GW се ветерни паркови.

Со ревизијата утврдивме дека во тек е постапка за донесување на План за развој на  електро преносниот систем за периодот 2025–2035 година за кој е спроведена јавна расправа, доставен е до надлежното министерство, доставен до РКЕ, но во услови кога не е изработена Студија за развој на електро преносната мрежа постои ризик да не се идентификувани главните потреби за развој на мрежата.  

Проектот Интерконективен далекувод Битола – Елбасан и трафостаница 400/110kV Охрид има високо стратешко и регионално значење како последен дел од Коридор 8, планиран е со договор на повеќе земји во 2005 година, прв проект на листата од значење на Енергетската заедница т.н. PECI листа, а за овој  проект е добиен првиот инвестициски грант преку WBIF на износ од 12.000.000 евра.

Со извршената ревизија констатиравме дека има застој на овој проект и слаба реализација кои имаат влијание и врз развојот на регионалната енергетска структура, енергетската безбедност на земјата како и стабилност на електричната мрежа и зголемување на капацитетите за пренос на електрична енергија низ регионот. 

Фотографија 10
 

 

 

 

 

 

 

Состојбата на степенот на изграденост на  400/110 kV трафостаница  Охрид и проширување на трафостаница Битола 

Со растечкиот број на проекти од обновливи извори на енергија се зголемува потребата од балансирачки капацитети, а  недоволниот капацитет за системски резерви претставува ризик за стабилноста на мрежата.

Со извршената ревизија утврдивме дека енергетската транзиција е стратешки приоритет на земјата, но следењето на спроведувањето на политиките и остварување на целите е комплексен процес поради потребните финансиски средства, засегнатите страни и мерките и активностите кои треба да се преземат.

Препораките дадени  со извештајот се однесуваат на активностите кои надлежните институции треба да ги преземат со кои ќе создадат услови за подобрување на целокупната активност за енергетска транзиција, промовирање на обновливи извори на енергија,   донесување на Индикативен план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од ОИЕ со јасна стратегија за избор и приоретизирање на проекти и одлучување на барањата за приклучоци на преносната мрежа во услови на технички ограничувања, создавање услови за ефикасно функционирање на АД ЕСМ,  пазарни реформиза постигнување на енергетска сигурност, економска стабилност и исполнување на меѓународните обврски за декарбонизација

 

 

Прес  контакт: 

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]