dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Завршен состанок за успешното спроведување на стручната проверка од ВРИ Полска

26.06.2025

На 26 јуни 2025 година, во просториите на Државниот завод за ревизија, се одржа завршниот состанок по повод успешното спроведување на стручната проверка (Peer Review), извршена од страна на Врховната канцеларија за ревизија на Полска (НИК).

Членовите на тимот од НИК, кои активно учествуваа во сите фази од процесот на стручната проверка, го презентираа финалниот Извештај и ги споделија најважните наоди и најважните препораки, произлезени од оваа значајна меѓународна проценка на работењето на ДЗР.

„Вие сте институција што го трасира патот кон европските стандарди. Вашата посветеност кон квалитетот, транспарентноста и континуираното подобрување е инспирација и за нас, како ваши колеги. Се соочувате со објективни предизвици, но вашата волја за промени и отвореноста за стручна критика се ваши најсилни адути.“

Презентацијата го опфати целиот спектар на клучни наоди, од признанието за високо ниво на стратешко управување и усогласеност со меѓународните стандарди, до јасната препорака за потребата од конечно обезбедување на уставна и финансиска независност на ДЗР.

Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, ја истакна вредноста на овој процес за институционалниот развој на ДЗР и упати благодарност до тимот од НИК за нивниот професионален и објективен пристап:

„Овој Извештај за нас не е само проценка, туку вистинска мапа за иднината. Секоја забелешка ја гледаме како можност за раст, секоја препорака, како насока за развој. Ова е уште една потврда дека сме на вистинскиот пат.“

Состанокот заврши во позитивна атмосфера, со заедничко уверување дека соработката меѓу двете институции е пример за успешно партнерство, меѓусебно почитување и споделување на знаења и искуства помеѓу врховните ревизорски институции.

Линк од Извештај од извршена стручна проверка на квалитетот на работењето (Peer Review) на Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија - ВРИ Полска:
https://dzr.mk/sites/default/files/dzr/doc/%D0%98%D0%B7%D0%B2%D0%B5%D1%…