На 3 јуни 2025 година, во Варшава, Полска, се одржа висока конференција на тема „Безбедноста на земјите од ЕУ од перспектива на врховните ревизорски институции“, во организација на Врховната ревизорска институција на Полска (NIK). На конференцијата учествуваа врвни претставници од над 30 европски и меѓународни ревизорски институции и организации.
Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија беше претставуван од Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски и советникот на главниот државен ревизор, г-ѓа Тања Јаневска.
Настанот опфати три тематски сесии посветени на:
- заштитата на европската иднина во свет кој рапидно се менува;
- справувањето со современи ризици, како што се сајбер-безбедноста и отпорноста на институциите;
- ревизорските пристапи во областа на одбраната, безбедноста и институционалната подготвеност.
За време на конференцијата, главниот државен ревизор м-р Ацевски оствари билатерални средби со претседателите на Европскиот суд за ревизија (ECA) и Меѓународниот одбор на ревизори на НАТО (IBAN), како и со претседателите и високи претставници на врховните ревизорски институции на Полска, Словенија, Словачка, Чешка, Малта, Холандија, Романија, Бугарија, Турција, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Јордан.
На средбите се разменуваа искуства и добри практики, како и идеи за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во области од значење за државната ревизија, особено во однос на организирање на заеднички обуки заради разменување на знаења и градење на ревизорските капацитети.
Присуството на ДЗР на оваа конференција претставува значаен чекор кон продлабочување на стратешката соработка со партнерските институции заради соочување со глобалните предизвици и градење доверба во ревизорската мисија преку унапредување на институционалните капацитети и следење на современите трендови во ревизорската практика.