dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Мерките и активностите на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди

15.05.2025

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

   -Соопштение за медиуми-          

Скопје, 15.05.2025  година

 

 

Мерките и активностите на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди

 

Управувањето со безбедноста на сообраќајот на патиштата се однесува на нормите, методите и мерките на превенција и санкции што се користат за да се спречат или намалат несаканите последици врз учесниците во сообраќајот.

 

Јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата: имено во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица.

 

Графикон 1

Графикон 1: Број на сообраќајни незгоди по видови на последици 2020-2023

 

Извршивме ревизија на успешност на темата Безбедност во сообраќајот на патиштата во Република Северна Македонија со цел да дадеме одговор на прашањето Дали надлежните институции управуваат со безбедноста во сообраќајот на патиштата во државата на ефикасен начин?“

 

Оценивме дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво.

 

Ревизорските активности беа насочени  за да дадеме одговор на следниве под прашања:

 

Графикон 2

 

  1.  Создадени нормативни услови

 

Втората Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за период 2015-2020 година е последна донесена национална стратегија за подобрување и зајакнување на системот     за управување со безбедност на сообраќајот на патиштата. За периодот од нејзино донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзината реализација, од причина што Владата нема формирано Координативно тело  надлежно за наведените активности.  

 

Втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот на патишта 2015-2020, имала за цел:

  •   бројот на жртви на сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали до просечниот број на жртви во земјите-членки на Европската Унија;
  •   бројот на жртви – млади возачи да се намали за 30%,
  •   бројот на сериозно повредени да се намали за 40% и
  •   бројот на деца- жртви на сообраќајни незгоди да се сведе на нула.

 

Утврдивме дека целите не се постигнати, односно:

 

Графикон 4

Графикон 2: Број на загинати лица во сообраќајни незгоди на патиштата на милион жители во земјите на ЕУ и во Република Северна Македонија 2017-2023 година

 

  • целта за намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30%  не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категоријата „млад возач“;
  • бројот на сериозно повредени лица кој во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40 % во однос на 2009 година кога истиот изнесувал 985 лица;
  • бројот на деца - жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица[1].

 

Во периодот 2019-2023 година, Македонија, во однос на земјите од Западен Балкан освен Косово, има помал број на загинати лица во сообраќајни незгоди на патиштата на милион жители, прикажано на следниот графикон:

 

Графикон 3

Графикон број 3 - Број на загинати лица во сообраќајни незгоди на патиштата на милион жители во земјите од Западен Балкан, во период 2019-2023 година

 

За периодот по 2020 година не е изготвена нова, трета национална стратегија.  

 

Во отсуство на нова Национална стратегија, политиките за управување со безбедноста во сообраќајот Владата ги воспоставува и имплементира низ други стратешки и плански документи од областа во координација со други надлежни институции.

 

Национална транспортна стратегија 2018-2030  - НТС е оперативен стратешки документ за подобрување на квалитетот на транспортната инфраструктура и услуги, со активности поврзани со унапредувањето на безбедноста на патиштата во државата, базирана на транспортната политика на ЕУ, транспортната политика на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа (СЕЕТО), која продолжува со Договор за основање на Транспортната Заедница, ратификуван од Република Македонија во 2017 година. За следење на имплементацијата е задолжено Министерството за транспорт.

 

За изработка на НТС потрошени се 12,9 милиони денари (210.000 евра), обезбедени од ЕУ преку програмата ИПА 1.

 

 

Графикон 5


Графикон 4: Преглед на активности поврзани со безбедноста во сообраќајот на патиштата предвидени за реализација до 2021 година

 

Во извештајот на Транспортната заедница за 2023 година, нотирано е ниско ниво на вкупниот напредок во спроведувањето на Акцискиот план за безбедност на патиштата во РСМ, кое пред сè се должи на недостиг од национална стратегија за безбедност на патиштата за период 2021 – 2030 година, како и незавршени активности за измена на законската регулатива и формирање на Агенција за безбедност на патиштата.

 

Национална стратегија за Интелигентни транспортни системи 2023-2032  - ИТС е изработена во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, за чија подготовка се реализирани 17,7 милиони денари (288.000 евра)  со заем од МБОР-Светска банка, одобрен во 2019 година.

 

Графикон 6

Графикон 5: Реализација на активности поврзани со безбедноста во сообраќајот на патиштата предвидени со ИТС

 

Ревизорите утврдиле бавна реализација на предвидените активности од двете национални стратегии, што од своја страна предизвикува продолжување на роковите, неефикасно користење на средствата, создава нови трошоци и не овозможува постигнување на очекуваните ефекти за зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви.

 

ISO стандардизација: Институтот за стандардизација, во 2019 година има подготвено Македонски национален стандард „МКС ISO 39001:2019 - Системи за управување со безбедност во сообраќај “, компатибилен со меѓународниот „ISO 39001:2012/Amd 1:2024-Road traffic safety (RTS) management systems-Requirements with guidance for use“, кој вклучува развој и имплементација на соодветни политики, развој на цели и акциони планови за управување со безбедноста на патниот сообраќај. Стандардот не е задолжителен за институциите во Република Северна Македонија при креирањето на соодветни политики.

 

Собранието иако има обврска, на предлог на Владата да донесе Стратегија за развој и одржување на државните патишта, чие спроведување е во надлежност на Министерството за транспорт, од пропишувањето на оваа законска обврска во 2008 година до денот на вршење на оваа ревизија, наведената Стратегија не е донесена.

 

Законски и подзаконски акти: направени се измени во законската регулатива од предметната област во насока на зајакнување на мерки и активности за поголема безбедност на патиштата како што се оцена на влијанието на безбедноста на патиштата, но истите важат само за ТЕМ[MA1]  патиштата[2], а нивната примена ќе започне по пристапувањето на државата во ЕУ.

 

  1. Активности на надлежните институции

 

 

Ревизорите во текот на ревизијата ги анализираа активностите на Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт, Јавното претпријатие за државни патишта и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.

 

Во рамки на ЕУ, развиен е CADaS протокол, како минимален сет на стандардизирани податоци кој овозможува споредливи податоци за сообраќајни незгоди и анализи на Европско ниво.  

 

 

МВР има воспоставено база на податоци за сообраќајни незгоди на патиштата во државата, која овозможува евидентирање на податоците за случени сообраќајни незгоди, но не е во целост усогласена со CADaS протоколот, бидејќи не се внесуваат географските координати на локацијата на сообраќајната незгода поради недоволна техничка поддршка од опрема со која располага МВР

 

Анализите на податоците од базите упатуваат дека сообраќајните незгоди со последици:

  • се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди;
  • најголем број се случиле на територија на СВР Скопје-41%; СВР Тетово- 14%; СВР Битола и Охрид – 9%,  Штип-8%, Куманово-7%, Велес и Струмица-6%.

 

 

 

 

 

  • Најчестите сообраќајни прекршоци по видови, констатирани со спроведените контроли во период 2019-2023 година се однесуваат на: брзо возење, поминување на затворен сигнал, неправилно престигнување и недавање првенство на минување.

 

 

             

Графикон 7

                                                      

                          Графикон 6: сообраќајни незгоди по видови

 

 

  • При спроведените контроли најголем број од возачите се исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, а значаен е и бројот на исклучени возачи поради возење под дејство на алкохол.
Графикон 9

.Графикон 7: причини за исклучување од сообраќај

 

Поради технички ограничувања на апликацијата за спроведени контроли, како и на внесување на географските координати на локацијата на сообраќајните незгоди, МВР не е во можност истите да ги користи како основ за планирање нови активности и креирање нови мерки за зголемување на ефикасноста на интервенциите на МВР.

 

 

Со Законот за возила е уредено МВР да води Регистар на возила со цел воспоставување систем за размена на податоци меѓу субјектите од областа на возилата за одобрување, пуштање на пазар, технички преглед, регистрација и пуштање во сообраќај на патиштата.

Регистарот на возила сеуште не е воспоставен, поради тоа што не е изготвен потребниот подзаконски акт.

 

 Системот „Safe City“ (Безбеден град) со кој располага и управува МВР, е имплементиран и функционален повеќе години за што во континуитет се обезбедуваат средства за одржување, но истиот сеуште не се користи за документирање на сообраќајни прекршоци и за изрекување на казни поради неприлагодена законска регулатива.

 

 

 

И покрај континуираните напори  на МВР за зајакнување на човечките и материјалните капацитети, постои потреба од зголемување на бројот на вработените во одделните СВР, набавка на опрема, како и модернизација на софтверските апликации за обработка на податоците поврзани со сообраќајни незгоди.

 

Јавно претпријатие за државни патишта - ЈПДП

 

Во рамки на доделените надлежности за управување со државните патишта во делот на планирање, изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на јавни патишта, ЈПДП врши броење на сообраќајот, води  катастар на државните патишта и формира неопходни бази на податоци

 

Со средства од Проектот за рехабилитација на национални и регионални патишта, како и од сопствени средства, реализирани се следните активности:

 

Графикон 9

За подобрување на поврзаноста на регионалните и националните патишта со главните Европски коридори, како и подобрување на капацитетот на ЈПДП за безбедност на патиштата и отпорност на климата, во октомври 2014 година склучен е Договор со МБОР-Светска банка за заем во износ од 52 милиони евра (3,2  милијарди денари). Средствата од заемот се користат за финансирање на Проектот за рехабилитација на национални и регионални патишта (NNRRP):

Графикон 10

Средствата се потрошени, а целите не се постигнати.

 

Image removed.

За унапредување на сообраќајното образование и воспитување на учесниците во сообраќајот, РСБСП континуирано спроведува едукативни кампањи, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.

 

 

За реализација на кампањите во период 2019-2023 година, од планираните средства во вкупен износ од 37 милиони денари, најголем дел, односно 39% се однесуваат за изработка на материјали за кампањи, а 21% за надоместоци за работни групи ангажирани за кампањите. Утврдивме дека РСБСП не врши мерење на постигнатиот ефект од спроведените кампањи како индикатор за подобрување на истите.

Приходите кои РСБС ги остварува од наплата на такса при регистрација на моторни возила се нецелосни и во период од 2019 година до октомври 2024 година неколку технички станици уплатиле помалку средства во корист на РСБСП во износ од 2 милиони денари (35.653 евра), од кои дел се однесуваат за период од над 3 години, што создава ризик од застарување за наплата.

 

Од страна на Генералниот секретаријат на Владата во 2020 година, набавени се софтвер и опрема во вкупен износ од 7,3 милиони денари, за намени поврзани со безбедноста во сообраќајот,  а кои и до денот на изработка на Конечниот ревизорски извештај не се користат од ниту една институција.  

 

Министерството за транспорт е надлежно за реализација на проектот за поврзување на локални патишта.

Графикон 11

 

Во март 2023 година од страна на  Единицата за имплементација на проектот,  подготвен е извештај и акционен план со активности и препораки за подобрување на состојбите за  управување со безбедноста на патиштата кој е доставен до Министерството за транспорт во декември 2024 година, односно 20 месеци после неговото изготвување, поради што имплементацијата на дел од активностите предвидени за 2023 и 2024 година, е одложена за 2025 година, што го забавува постигнувањето на очекуваните ефекти.

 

Извршените анализи и спроведените инспекции на безбедноста на сообраќајот од страна на ангажираните експерти за потребите на ревизијата, упатуваат на висок степен на опасност на делниците предмет на анализа, не задоволителна хоризонтална и вертикална сигнализација, лошо одржување на коловозите кои може да предизвикаат сообраќајни незгоди со последици од истите.

 

      3. Известување, мониторинг и евалуација   

 

Воспоставен е механизам за известување, со кој надлежните институции преку работни средби и состаноци, како и преку периодични и годишни извештаи редовно ги известуваат Собранието и Владата за реализација на активностите, а со нивно објавување на веб страните, се известува јавноста и другите засегнати страни за нивните тековни активности.

 

Во делот на мониторингот, не е извршено следење на реализација на активностите од Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2015-2020 и оценка на ефектите од истите.

Дополнително, надлежните институции не вршат евалуацијата на постигнатите ефекти од спроведените мерки и активности согласно утврдените индикатори, за навремена детекција и отстранување на слабости при управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата.

 

 

Ревизијата даде препораки за надминување и подобрување на состојбите во делот на правната и стратешката рамка за процесот на управување безбедноста во сообраќајот, зајакнување на човечките, финансиските и техничките капацитети на институциите, како и воспоставување на систем за мониторинг и евалуација на ефектите од спроведените активности.

 

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]

 

[1] Во пресметката вклучени се возрасните категории од 0 до 17 години

[2] Државни патишта распоредени во мрежата на меѓународни патишта и кои се надоврзуваат на соодветни патишта на соседните држави