Во духот на општествената одговорност и европските вредности на солидарност, заедништво и грижа за заедницата, Државниот завод за ревизија ја прошири својата мисија надвор од ревизорските извештаи – кон луѓето и околината.
Во партнерство со здружението Man and Mountain, се приклучивме на националната еко-акција GENERALKA WEEKEND и со засукани ракави и полни со ентузијазам, го разубавивме просторот околу нашата институција. Во реализацијата на оваа акција, значаен придонес дадоа и Центарот за управување со кризи, ЈП „Водовод и канализација“ и ЈП „Паркови и зеленило“, со чија помош успешно ја спроведовме еко-иницијативата. Со мали, но искрени чекори придонесуваме кон почиста и позелена околина – симболично засадивме и дрво јавор (Acer rubrum), како симбол на нашата заложба за подобра иднина.
Паралелно, во соработка со Црвениот крст, се одржа крводарителска акција во просториите на ДЗР, преку која ревизорите уште еднаш ја покажаа својата хуманост и подготвеност да спасуваат животи. Потврдивме дека грижата за јавниот интерес не завршува со ревизорскиот извештај – таа продолжува преку личен ангажман и солидарност.
„Државниот завод за ревизија не е само контролор на јавните ресурси, туку и активен чинител во градењето на здрави, одговорни и хумани заедници. Преку вакви акции институцијата дава личен и професионален пример за вистинска грижа за околината и за луѓето.“
Главниот државен ревизор оствари средба со тимот млади средношколци FGC Team Macedonia кои го изработија роботот „The Explosive Ajvar“ и ќе ја претставуваат нашата држава на интернационалниот натпревар по роботика FIRST Global Challenge во Панама. Како институција што се стреми кон постојан развој и иновативност, ДЗР ја препознава и поддржува моќта на младешкиот потенцијал и креативноста, гледајќи ја роботиката како двигател на идниот технолошки и општествен напредок.
Да се обидеме, преку сопствен пример, да инвестираме во нашето општество, во околината и во иднината – затоа што одговорноста не завршува со работното време, туку продолжува со човечност, ангажираност и визија за подобро утре.