ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
- Соопштение за медиуми-
Скопје, 08.04.2025 година
Јавните инвестиции во детските градинки не ги даваат посакуваните ефекти - Опфатот на децата и натаму незадоволителен
Иако вложените средства во детските градинки растат, надлежните институции не успеваат да обезбедат оптимални услови за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст. Опфатот на децата и понатаму останува под задоволителното ниво, што наметнува прашања за ефективноста на актуелните инвестиции и приоритети при вложувањата

Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2024 година изврши ревизија на успешност на тема „Јавни инвестиции за обезбедување капацитети и услови за детската заштита во детските градинки“.
Со ревизијата е опфатен периодот од 2020 до јуни 2024 година, со цел да се оцени ефективноста на мерките и активностите преземени од надлежните институции за обезбедување на приоритетно вложување, оптимален и зголемен опфат на деца од предучилишна возраст и нивно згрижување и воспитување.
Ревизијата утврди дека јавните инвестиции во детските градинки не се доволно ефективни во исполнувањето на своите цели. Откриени се значајни слабости во планирањето, управувањето и реализацијата на инвестициите, што резултира со недоволна искористеност на вложените средства и недостиг на соодветни услови за зголемен опфат на децата.
Констатирано е дека Програмските документи за развој на дејноста за заштита на децата, како и за изградба, опремување и одржување на објектите за детска заштита, не содржат мерливи индикатори за следење на успешноста, ниту пак се изготвуваат извештаи за степенот на реализација на целта за обезбедување оптимални услови за згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.
Дополнително, на национално ниво не е воспоставена системска правна рамка за управување со јавните инвестиции, а регистрите за капацитетите на детските градинки, како основа за креирање политики за вложувања, не се целосни и ажурни.
Со извршената ревизија е констатирано дека податоците за вклученоста на децата во предучилишното образование значително се разликуваат во зависност од изворот.
Според Министерството за социјална политика, демографија и млади[1], во 2023 година од 115.003 деца до шестгодишна возраст, 39.129 биле вклучени во градинки и центри за ран детски развој, што претставува опфат од 34,5%. Од друга страна, според податоците на ДЗС вкупниот број на деца во оваа возрасна група е 129.879, од кои 37.804 посетуваат предучилишни установи, со што опфатот изнесува 29%. Оваа неусогласеност создава ризик од погрешни проценки при планирањето политики и распределбата на ресурси.
Исто така, со 4.851 дете на листа на чекање и 75.874 деца кои не се сместени во градинки, се отвора прашањето дали причините за ограничениот опфат се должат на недоволните капацитети или на други фактори, што бара дополнителни анализи и соодветни мерки од надлежните институции.
Во услови на ограничени капацитети во детските градинки, бројот на запишаните деца продолжува да го надминува проектираниот капацитет, што доведува до последици за квалитетот на воспитно-образовниот процес.
Пополнетиот капацитет за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст во септември 2023 година во 31% од градинките го надминува расположливиот капацитет, а во мај 2024 година во 67% од градинките. Ова води до прекумерно оптоварување на групите, особено во возрасните групи од 3-4 и 4-5 години, што влијае на условите за работа на воспитувачите и квалитетот на грижата за децата.

Иако Министерството за социјална политика, демографија и млади и некои општини вложуваат напори преку капитални инвестиции за проширување на капацитетите, реалноста е дека значителен број на градинки работат со двојно поголем број деца од нивниот предвиден капацитет.
Финансирањето на јавните детски градинки се врши со средства од државниот и општинските буџети, ИПА фондови, заем од Светска банка и различни донации. Значаен финансиски извор е заемот од Светска банка во износ од 28,7 милиони евра, од кои 15,1 милиони евра се наменети за изградба и рехабилитација на градинки.
Со ревизијата извршена е анализа на планираните и реализираните проекти за капитални инвестиции во детските градинки за периодот 2020-2023 година, при што утврдено е континуиран пад на бројот на нови проекти за изградба и доградба на градинки. Во 2023 година, во годишната програма на Министерството за труд и социјална политика не е предвиден ниту еден нов проект, а реализацијата на веќе одобрените активности се одвива со значителни одложувања. Вкупната реализација на буџетските средства за капитални инвестиции во детските градинки во анализираниот период изнесува 8,7 милиони евра, при што реализацијата во 2022 година е само 65% од одобрениот буџет.
Изградбата на детски градинки е клучна за унапредување на детската заштита и обезбедување соодветни услови за најмладите. Сепак, анализата на реализацијата на овие проекти покажува сериозни предизвици, доцнења и административни пречки кои го забавуваат процесот на изградба и пуштање во употреба.
Таков е примерот со изградбата на детската градинка во Општина Чаир, со капацитет од 350 деца, започната во 2020 година, која сè уште не е завршена.

Досега се склучени осум анекси на договорот, со што рокот е продолжен до 1 декември 2024 година. Главни причини за доцнењето се промени во улогите на учесниците изведувачи, дополнителни и непредвидени градежни работи, административни пречки поврзани со пристапот до градежната парцела и намален интензитет на работа во периодот на пандемијата.
Иако досега се исплатени 82% од договорените средства (99 од вкупно 120 милиони денари), градинката сè уште не е функционална.
Недовршени остануваат позициите во партерот кои ќе можат да се изведат по завршување на приклучокот на вода и решавање на проблемот со поставување на оградата од западната страна на парцелата.

Поради низа доцнења и нерешени инфраструктурни проблеми изградбата на детската градинка со капацитет од 72 деца во с.Ерџелија, Општина Свети Николе, која требаше да заврши во март 2022 година, сè уште не е ставена во функција. И покрај тоа што градежните работи се завршени и исплатени средства во висина од 23.200 илјади денари, односно 94% од договорената вредност, објектот не може да биде пуштен во употреба поради довршување на започнатите активности од страна на општината во делот на партерното уредување и отстранување на пројавените недостатоци на објектот од страна на изведувачот.

Од заем од Светска банка, во висина од 13 милиони евра за изградба и проширување на капацитетите на 16 градинки, еден објект не е завршен – во Општина Битола, а три од изградените не се ставени во употреба и тоа во општините Арачиново, Липково и Кочани, поради не обезбедени согласности за вработување и завршување на постапката за издавање на решение за исполнување на условите кај една од наведените општини.
Согласно извршениот увид во постапките за изградба и опремување на детските градинки во општините Липково и Арачиново, утврдени се значителни разлики во цените, и покрај тоа што објектите се со идентична намена и концепт. Изградбата на градинките произлегува од две јавни набавки спроведени во мај 2021, со склучени договори во август 2021 година. Вредноста на градинките изнесува 46,9 милиони денари (Липково) и 45,2 милиони денари (Арачиново), при што во Арачиново цените за идентични градежни позиции се повисоки за 1,3 милиони денари, за кои Комисијата за евалуација не побарала појаснување за разликите.
Отстапувања во цените се утврдени и во набавките на мебел и опрема (2022-2023), каде за Арачиново се потрошени 12,05 милиони денари, а за Липково 8,76 милиони, иако станува збор за ист вид опрема. Разликата од 1,5 милиони денари укажува на значително повисоки цени во Арачиново, со одредени ставки дури двојно поскапи.
Неспроведувањето на заедничка набавка, иако градинките се граделе истовремено, резултирало со несоодветно трошење на средства од земениот заем.
За изградба на детска градинка во Општина Битола со средства од заем од Светска банка, во јуни 2021 година е склучен договор во вредност од 55,2 милиони денари со рок од 16 месеци, но работите не се одвивале според планираната динамика. Изведувачот поднел шест барања за продолжување на рокот, од кои пет биле одобрени, со вкупно 340 дополнителни денови, додека по шестото барање не е одобрено ново продолжување. До мај 2023 година биле реализирани 36% од работите со исплатени 20,1 милиони денари, а со шестата ситуација, со исплатени 3,7 милиони денари, завршен бил 48% од проектот. Договорот е раскинат на 03.05.2024 поради недоставување банкарска гаранција, а до октомври 2024 не е направен пресек на извршените работи, што го одложува завршувањето на проектот и создава потреба за избор нов изведувач во рамките на временскиот период за завршување на проектот до 30.06.2025 година.

Изградба на детска градинка во Општина Битола
Ревизијата утврди дека, иако општините имаат законска надлежност за финансирање и одржување на детските градинки, нивниот ангажман во капитални инвестиции останува ограничен, првенствено поради финансиски предизвици. Големите општини, според можностите, вложувале во изградба и проширување на градинките, но кај помалите општини овие вложувања биле минимални, што доведува до недоволни капацитети и забавен процес на децентрализација во заштитата на децата.
Со средства на Општина Битола во 2021 година започната е изградба на нова детска градинка во општината на подрачјето на ДУП АРМ четврт 2 (поранешна касарна), со проектиран капацитет за згрижување на 246 деца. Вкупната вредност на градинката предвидено е да изнесува 114,5 милиони денари од кои 104,5 милиони денари за градежниот дел и средства за опремување во вредност од 9,9 милиони денари. Поради непредвидени работи при изградбата поврзани со појава на висока подземна вода и краткиот рок предвиден за изведување на работите по основниот договор придонеле кон склучување на анекси кон основниот договор, кои истовремено со порастот на општото ниво на цените довеле до слаба реализација и негово раскинување со наплата на банкарска гаранција.

До периодот на известување од ревизијата, градинката е изградена до фаза карабина со застаклување. Повеќекратното продолжување на роковите за извршување на договорите, спроведувањето на посебни постапки за јавна набавка за изградба на детска градинка и изведба на дренажен систем, појавата на непредвидени работи и склучување на анекс договори во услови кога проблемот со појава на подземни води бил познат упатува на слабости и недостатоци во проектите и предмер пресметките согласно кои општината ги реализира своите капитални инвестиции. Долгиот период на изградба на детската градинка во Битола не овозможил навремено и квалитетно згрижување и воспитание на деца.
Со извршената ревизија констатирано е дека во периодот од 2021 до октомври 2024 година, изградени се седум нови детски градинки, за кои се исплатени средства во вкупна вредност од 263,9 милиони денари (приближно 4,3 милиони евра), но до моментот на извршената ревизија, ниту една од овие градинки не започнала со работа.
Три од нив се изградени со буџетски средства преку Министерството за социјална политика, демографија и млади во општините Сопиште, Василево и Свети Николе. Други две се финансирани преку заем од Светска банка во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ) и се лоцирани во општините Арачиново и Липково. Една градинка е изградена со средства од ИПА фондови во општина Тетово, а една со средства од Општина Прилеп.
Детските градинки во наведените општини се соочуваат со проблеми при пуштањето во употреба. Иако објектите се веќе предадени, не се исполнети сите услови за пуштање во употреба, што се должи на отсуство на кадровски ресурси за отпочнување со работа и недовршени обврски на општината кои доведуваат до одложувања во почетокот на работата и го зголемуваат ризикот од негативни последици и штети врз градинките. Истовремено истакнуваме дека за повеќето објекти не се преземени активности за обезбедување и нивно осигурување што создава ризик од кражби и други штети врз објектите што во иднина би предизвикале дополнителни трошоци за работи за кои веќе еднаш биле потрошени финансиски средства.
Таков е случајот со новоизградената градинка во с.Ангелци во Општина Василево, каде поради непреземени мерки за обезбедување на објектот и грижа од страна на основачот и матичната детска градинка, придонело да се случат кражби и други штети врз објектот. Градинката изградена со буџетски средства и примопредадена на општината во август 2022 година, до денот на известувањето од ревизијата не е пуштена во употреба, поради непреземени мерки за санирање на настанатите штети.
Утврдените состојби опфатени со ревизијата укажуваат на бројни предизвици, при што напоменуваме дека во периодот по завршувањето на ревизијата, дел од градинките се веќе пуштени во употреба.

Преземените активности на Министерството за изградба на нови и проширување на капацитетите во постоечките објекти со буџетски средства не ги дале очекуваните резултати за обезбедување на услови за оптимален опфат на децата во системот на правата за заштита на децата. Од вкупно проектираниот капацитет од 1.057 деца во 11-те детски градинки кои се опфатени со градежни работи, во анализираниот период капацитетите се пополнети во 3 детски градинки со 158 места, што претставува 15% пополнет капацитет во однос на проектираниот.
За изведените градежни работи и опремување на градинките Министерството за повеќе од 4 години исплатило буџетски средства во вкупен износ од 252,9 милиони денари или 4 милиони евра, од кои 40,2 милиони денари во градинки кои работат и ја остваруваат дејноста за детска заштита, а 212,7 милиони денари или 3,5 милиони евра, во градинки чија градба не е завршена подолг временски период, завршени но не се пуштени во употреба, како и градежни работи започнати во 2023 година.

Ефекти од капиталните инвестиции на Министерството во периодот од 2020 до јуни 2024 година
Во насока на надминување на утврдените состојби ревизијата даде препораки за подобрување на состојбите во делот на: правната и програмска рамка на системот за инвестирање во детските градинки, регистарот на податоци за детски градинки, планирањето, финансирањето и реализацијата на проектите за изградба, доградба, адаптација и опремување на детски градинки, како и капацитетите за згрижување и воспитание на деца, а со цел постигнување на оптимален опфат и зголемување на бројот на деца во предучилишна возраст.
Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203 [email protected]
Мијалче Дургутов +389 70 358 486 [email protected]
Мартин Дувњак +389 75 268 517 [email protected]
[1] Со Законот за изменување и дополнување на Законот за Организација и работа на органите на државната управа, „Службен весник на Република Северна Македонија број 124/24“, Министерството за труд и социјална политика, продолжува да работи како Министерство за социјална политика, демографија и млади.