dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Утврдени неправилности во начинот на управувањето со одземениот имот и користењето на средствата

02.04.2025

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

  - Соопштение за медиуми-           

Скопје, 03.04.2025  година

 

Утврдени неправилности во начинот на управувањето со одземениот имот и користењето на средствата

Имајќи ја во предвид разновидноста и специфичноста на активностите поврзани со одземените предметите што до Агенцијата се доставуваат на дневна основа од разни органи и институции, ревизорите утврдиле дека не се преземани мерки и активности за воспоставување на систем за внатрешни контроли, што резултира со помалку платени средства во Буџетот на државата во износ од 445 милиони денари

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Агенцијата за управување со одземен имот на Република Северна Македонија при што за сметката на основниот буџет -637 изразивме неповолно мислење, а за депозитната сметка 696 - се воздржавме од изразување на мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

Во однос на евиденцијата на средствата со кои располага Агенцијата ревизорите утврдиле дека дел од магацинските простории и плацовите, кои Агенцијата од 2009 година ги користи за сместување и чување на одземениот имот и после 14 години се користат без донесена одлука од Владата за пренесување на правото на користење.

Утврдени се слабости во спроведувањето на годишниот попис на средствата, побарувањата и обврските како и не усогласувања на сметководствената евиденција со фактичката состојба утврдени со пописот.  

Во однос на пресметувањето и исплатата на платите кон вработените, Агенцијата не располага со целосни и комплетни досиеја од кои може да се потврди дека утврдената плата е согласно нивните квалификации и искуство предвидени со актот за систематизација. На ревизорите не им беше приложен Правилник за плати и други надоместоци од 2009 година како доказ за основаноста и усогласеноста со закони и општиот колективен договор за јавниот сектор за пресметката и исплатата на плати за 26 помошно-технички лица, како што не беше приложена и документација за исплата на прекувремена работа: потребата и воспоставена евиденција за прекувремената работа.

Исто така, ревизорите утврдиле дека дел од расходите во износ од 1.168 илјади денари се евидентирани без истите да бидат потврдени дека се во рамки на лимитите утврдени согласно Упатството за користење на службените возила на Агенцијата и одлуките на Владата во однос на определување на корисници на службен мобилен телефон и за начинот на користење и висината на износот на средствата за угостителски услуги, без да биде обезбедена комплетна документација.

Ревизорите исто така утврдиле дека поради слабости во начинот на спроведување и реализација на постапките за набавка на гориво, сервисирање на возила и канцелариски материјали, набавени се стоки во износ од 695 илјади денари за кои не се спроведени соодветни постапки согласно Законот за јавни набавки.

Во однос на управувањето со одземениот имот, утврдивме дека Агенцијата не постапува согласно начелата на законитост, економичност, ефикасност, транспарентност, постапување со внимание на добар домаќин, одговорност, стручност, професионалност и ажурност и тоа:

  • подзаконските акти кои го уредуваат начинот на постапување и евидентирање со одземениот имот, не се објавени во Службен весник. Иако се објавени на веб страната, истите не содржат архивски број, датум на нивно донесување и потпис од претседателот на УО како потврда за нивната валидност;
  • подзаконските акти со кои е пропишан начинот на вршење на прием на одземените предмети и начинот на водење евиденција на податоци за одземениот имот и предмети не се применуваат во целост;
  • за одземените предмети за кои Агенцијата нема услови веднаш да ги преземе во своите магацини, не се води евиденција со податоци за видот на движниот имот и субјектот каде тие локациски се наоѓаат, ниту пак се врши попис на истите. Заклучно со 31.12.2023 година во царинските испостави се наоѓаат 46, а во МВР 689  моторни возила без проценета вредност;
  • воспоставената пракса на отстапување на конфискуваните предмети и моторни возила не овозможува рамноправност на институциите за користење на истите бидејќи Агенцијата не ги информира институциите од централната и локалната власт, како и формираните ЈП и АД од нивна страна, за одземените предмети со кои располага;
  • чувањето и складирањето на одземените предмети и моторни возила не овозможуваат заштита на истите од уништување, намалување и губење на нивната вредност;
  • не постои транспарентност на постапката за продажба на недвижен имот, одземени предмети и конфискуван имот.


sliki

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Согласно Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, приходите од продажба на одземени предмети и недвижен имот по правосилни судски одлуки или управни акти се уплаќаат директно во Буџетот на Република Северна Македонија.

Депозитните сметки на институциите се во функција на менаџирање на приходите од уплата на депозити како гаранција за учество при продажба на имот со лицитација или до донесување на правосилен управен акт за одземените предмети или имот.

Анализата на остварените приходи од продажба на одземен имот и уплатените средства во Буџетот на државата реализирани од Агенцијата во период од 2011 до 30 септември 2024 година упатуваат дека од остварените вкупни приходи во износ од 1,650 милијарди денари, во Буџетот на државата уплатени се 1,205 милијарди денари односно уплатени се помалку средства од 445 милиони денари. 

Во 000 денари

A graph with numbers and lines

Description automatically generated

Графикон 1: Остварени приходи и уплатени средства во Буџетот на РСМ

 

Ревизорите утврдиле дека како неискористени парични средства на депозитната сметка на Агенцијата на ден 31.12.2023 година се наоѓаат 40.721 илјади денари, кои не се уплатени во Буџетот на државата.

Во истиот период, од 2013 заклучно со 30.09.2024 година, од остварените приходи потрошени се вкупно 10.519 илјади денари по разни основи од редовното работење на Агенцијата. Во 2023 година на овој начин се потрошени 4.771 илјади денари, а намената за кои се потрошени е прикажана во Графикон број 2.

A pie chart with text

Description automatically generated

Графикон 2: Намена на потрошени средства

 

Ваквиот начин на користењето на средствата од продажба на одземени предмети и недвижен имот по правосилни судски одлуки или управни не е во согласност со членовите 29 и 34 од Законот за буџети бидејќи предизвикува поголеми расходи во однос на максималните износи на одобрени средства по буџетски корисници на централната власт што секоја година ги утврдува Владата при планирањето на буџетот, како и незаконско користење на средствата кои требало да бидат уплатени во Буџетот на Република Северна Македонија.

Во делот на Нагласување на прашања ревизорите обелоденуваат состојби поврзани со ресурсите со кои располага Агенцијата во однос на исполнувањето на надлежностите:

Човечки ресурси: предвидени 47 административни службеници:

  • за 18 позиции за кои е потребно 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, знаења, искуство и вештини,  пополнети се само шест;
  • најголем број на работните позиции – 16  се од ниво В4- помлад соработник (најмалку 180 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и со или без работно искуство во струката), од кои пополнети се седум;
  • секторот за оперативно работење надлежен за преземање, складирање, евидентирање, чување, продажба и управување со одземениот имот, од планираните 16, располага само со седум стручни лица;
  • во секторот за финансиски прашања за планираните 12 позиции, работите ги извршуваат само три лица - помлади соработници;
  • во самостојното одделение за човечки ресурси, од планираните пет, пополнето е само еднo работно место;
  • работите од информатичка област предвидено е да ги врши еден помлад соработник, кој се ангажира со договор на дело;
  • неколку години наназад не се спроведуваат обуки за вработените.

Финансиски ресурси: Структурата на одделните расходи во вкупните расходи укажува дека низ годините растат трошоците за плати за вработените, додека за капитални расходи се континуирано мали.

A graph with numbers and lines

Description automatically generated

        Графикон 3: Структура на расходи

Многу малку средства се искористени за подобрување на просторните или техничките капацитети на Агенцијата и истите од 1,82% учество во вкупните расходи за 2019 година, се намалени на 0,22% во вкупните расходи за 2023 година.

Технички ресурси: стари софтверски решенија од кои дел не се користат, слаба функционалност на системот за продажба- лицитација кој заедно со Веб страната (постара верзија) се во континуирани состојби на грешки, чести паѓања на веб порталот, некогаш јавно недостапни дури и за време на јавно наддавање.

Во делот на останати прашања ревизорите укажуваат на потребата од усогласување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка со Законот за процена како вработените во Агенцијата би можеле да се стекнат со статус проценувач за да може да се врши процена на вредноста на одземениот имот без одлевање на средства.

Во ревизорскиот извештај се нотира дека во периодот од септември 2023 година, заклучно со 30.09.2024 година од депозитната сметка на Агенцијата извршени се исплати по извршни решенија во вкупен износ од 1.263 илјади денари.

Имајќи ја во предвид разновидноста и специфичноста на активностите поврзани со одземените предметите што до Агенцијата се доставуваат на дневна основа од разни органи и институции, ревизорите утврдиле дека не се преземани мерки и активности за воспоставување на систем за внатрешни контроли за секоја област од работењето.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected] 
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]