dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Слабостите во управувањето со здравствените услуги и лекови создаваат финансиски и оперативни предизвици во Клиниката за дерматологија

30.01.2025

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
-
Соопштение за медиуми -

Скопје  30.01.2025 година

Слабостите во управувањето со здравствените услуги и лекови создаваат финансиски и оперативни предизвици во Клиниката за дерматологија

Со ревизијата утврдени се слабости во управувањето со лековите за ретки болести, финансиското управување како и недостиг на ефикасност во реализацијата на договорените здравствени услуги

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за дерматологија на сметката за 2023 година.

Изразено е неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година за сметката за средства од фондот 737, додека за сметката за сопствени приходи 531 изразено е мислење без резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година.

Утврдени се повеќе слабости кои се однесуваат на управувањето со лековите за ретки болести во Клиниката. Потребните лекови од добавувачите преку Програмата за ретки болести ги набавува и нарачува Министерството за здравство каде е  воспоставен и електронски регистар за нивно евидентирање. Утврдено е дека нема сметководствена евиденција на примените и потрошените лекови за ретки болести и не е направен попис на истите. Во текот на 2023 година примени се лекови во износ од 37.434 илјади денари, а во интерните рачни евиденции на клиниката се прикажани издадени лекови во износ од 27.394 илјади денари што е помалку за 8.843 илјади денари помалку во однос на евидентираните во регистарот.

Во текот на ревизијата направен е попис и побарани се податоци од пациентите за видот и количината на лекови кои ги имаат подигнато од Клиниката, а поради природата на болеста ги немаат потрошено, при што е утврдено дека пациентите располагаат со лекови во вредност од 31.748 илјади денари, од кои 39% се лекови со поминат рок.

Фондот одобрил условен надоместок за 2023 година на Клиниката за набавка на апарати и специфични лекови во износ од 13.000 илјади денари. Утврдено е дека потребата за набавка на истите не е резултат на доставени предлози од страна на стручниот колегиум.  При тоа, набавени се два ласери во вредност од 9.995 илјади денари, кои до денот на ревизијата не се ставени во употреба. Исто така, за вршење на дополнителни услуги со истите не е добиена согласност на ценовникот од страна на Министерството, особено што поголем дел од услугите кои може да се вршат со овие апарати се од естетска и козметолошка природа и не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување.

Во рамките на спроведената ревизија, истакнато е клучно прашање во врска со неисполнувањето на законските обврски за обезбедување вистинско и ефикасно купување на здравствени услуги, како што е предвидено во Законот за здравствено осигурување.

Имено, согласно член 69 од Законот за здравствено осигурување, Фондот за здравствено осигурување има обврска да обезбеди средства за купување на здравствени услуги од јавните здравствени установи (ЈЗУ), со договорен надоместок утврден според критериумите на Одлуката за утврдување на буџетот на здравствените установи. Фондот е исто така задолжен да обезбеди средства за целосно функционирање на тие ЈЗУ кои не можат да остварат доволен обем на услуги во рамките на договорениот надоместок, во кој спаѓа и Клиниката.

Во 2023 година, обемот на услуги се намалил во споредба со 2022, додека договорниот надоместок бил зголемен.

Извршени здравствени услуги

2022 - 37.733

2023 - 36.988

Договорен надоместок од ФЗОМ

2022 - 88.611

2023 - 92.194

Процент на реализација на договорениот надоместок

2022 - 43%

2023 - 40%

Податоците од системот „Мој Термин“ покажуваат дека услугите на Клиниката ги користат помал број на пациенти и се реализирани значително помалку услуги од планираните термини и расположливите капацитети.

Grafikon 2

Во делот на Останати прашања е известено за Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење и Централниот систем за регистрација на работното време при Министерството, кои не се воспоставени во целост, како и за ненаплатените побарувања од Министерството за здравство за извршени здравствени услуги по програми за здравствена заштита во износ од 1.319 илјади денари, чија наплата е неизвесна.

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]

Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]  

Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]