Денес, на 4 декември 2024 година, Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски одржа работна средба со претставници од Светска банка, г. Chenjerani Simon B. Chirwa, менаџер за пракса за набавки за регионот на Европа и Централна Азија, г-ѓа Elena Corman, виш специјалист за набавки и лидер на тимот за Западен Балкан, и г-ѓа Antonia Viyachka, виш специјалист за набавки.
Целта на посетата беше да се разговара за тековната имплементација на набавките, предизвиците и решенијата на проектите финансирани од Светската банка. Исто така, во фокус беше и напредокот во процесот на јавни набавки во земјата и поддршката која Светската банка ја обезбедува во рамките на реформите за јавни набавки.
Главниот државен ревизор, г. Ацевски, ја истакна важноста на продолжување на соработката и ефикасноста на процесот на јавни набавки, посебно во контекст на капиталните инвестиции финансирани од Светската банка. При презентирањето на резултатите од ревизиите, особено на проектите финансирани од Светската банка, беа истакнати клучните состојби и предизвици што се идентификувани, како и дадените препораки за унапредување на процесите.
„Ние сме подготвени да соработуваме со Светската банка во насока на унапредување на системот за јавни набавки и развој на капацитетите на државните институции. Како институција лидер во областа на државната ревизијата, нашата цел не е само да ја подобриме транспарентноста и ефикасноста на процесите, туку и да ја зајакнеме довербата на граѓаните и инвеститорите. Со оваа соработка, сакаме да придонесеме за испорака на подобри и поефективни услуги за граѓаните, со цел да станеме пример за други институции во регионот и пошироко“, изјави г. Ацевски.
Претставниците од Светската банка го поздравија досегашниот успех и напредок на Државниот завод за ревизија, истакнувајќи ја значајноста од продолжување на соработката преку обуки, студиски посети и размена на искуства со земји кои применуваат напредни модели на ревизија на јавни набавки и пост-прегледување на проектите финансирани од Светската банка. Тие потенцираа дека поддршката за унапредување на системите за е-јавни набавки е клучна за успешна имплементација на реформите и дека споделувањето на добрите практики од други земји ќе овозможи подобрување на процесите на јавни набавки во државата.
Оваа средба ја потврди понатамошната посветеност на Светската банка за поддршка на реформите во земјата, како и за унапредување на процесите на јавни набавки, што ќе има позитивно влијание на ефикасноста и транспарентноста на јавните инвестиции. Во наредниот период се очекува да се потпише официјален документ кој ќе ги утврди конкретните права и обврски на двете страни, со цел зајакнување на соработката и постигнување на посакуваните резултати.