dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Конференција по повод 25-годишнината на Државниот завод за ревизија

29.11.2024

На 27 ноември 2024 година, Државниот завод за ревизија го одбележа својот значаен јубилеј – 25 години чувар на јавните средства. По овој повод, во организација на ДЗР а делумно поддржано и од EUROSAI, во Скопје беше организирана конференција на тема “ Размена на искуства во комуникацискиот процес на ВРИ со засегнатите стани – можности и предизвици “, која обедини стручни претставници од различни меѓународни организации, врховни ревизорски институции и професионални организации.

На конференцијата учествуваа главни ревизори на врховните ревизорски институции, експерти од академската фела, претставници на граѓанските организации и медиумски професионалци. Ова беше извонредна прилика за размена на искуства, идеи и решенија, насочени кон унапредување на комуникациските процеси и методологиите на работа во врховните ревизорски институции.

На настанот се разгледуваа клучните предизвици и можности во ревизорската пракса. Првата дискусија беше фокусирана на транспарентноста и важноста на јасната комуникација на ревизорските наоди како основа за градење доверба и поттикнување на навремени реакции.

Втората се посвети на примената на иновативни комуникациски алатки и технологија, кои го унапредуваат процесот на ревизија и ја зголемуваат транспарентноста.

Третата дискусија го истакна значењето на соработката со сите засегнати страни за подобрување на квалитетот и кредибилитетот на ревизорските процеси, со акцент на изградба на силни партнерства и поттикнување доверба помеѓу институциите и јавноста.

“Клучно е да изградиме силни партнерства и да поттикнеме доверба со сите вклучени страни. Нашата цел не е да се натпреваруваме, туку да разменуваме идеи и добри пракси за унапредување на ревизијата и создавање поефикасни и транспарентни институции. Само преку заеднички напори можеме да обезбедиме високи стандарди на професионалност и континуиран развој на јавната отчетност“ – изјави Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски.

Овој настан беше важен момент за ДЗР, не само за да ја одбележи својата 25-годишна историја, туку и за да погледне во иднината, истакнувајќи ја својата посветеност на принципите на непристрасност, транспарентност и континуиран развој на процесите на ревизија и јавна отчетност.

Државниот завод за ревизија и понатаму ќе продолжи да ги поддржува и спроведува иновациите во своето работење, со цел да обезбеди високи стандарди на професионалност и да ја зајакне јавната доверба во институциите и процесите на ревизија во Македонија.

На свеченоста по повод 25-годишниот јубилеј, обраќање имаа Претседателот на Собранието на РСМ, г. Африм Гаши, како и високи претставници на дипломатскиот кор во земјата. Меѓу нив беа амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Н.Е. Михајлис Рокас, заменик-амбасадорката на САД, г-ѓа Никол Варднес, амбасадорот на Кралството Шведска, Н.Е. Ами Ларсон Џејн, и амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Хулман Марти.

Тие изразија длабока почит и признание за посветеноста на Државниот завод за ревизија во неговата улога како чувар на јавните средства, истакнувајќи ја важноста на неговата работа за зголемување на транспарентноста, отчетноста и доброто управување во земјата.