dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Руралните жени на пазарот на трудот, без доволна институционална поддршка

20.06.2024

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА 

- Соопштение за медиуми-

Скопје, 20.06.2024 година

 

Руралните жени на пазарот на трудот, без доволна институционална поддршка

 

Mерките и активностите за родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд кои се преземаат од страна на надлежните државни институции не се доволно ефикасни и ефективни со цел вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд и задржување во руралните средини

                                                                 

Графикон 1 Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2023 година спроведе ревизија на успешност на тема „Родова   еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“. Целта на ревизијата беше да се утврди дали се развиени мерки, политики за вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд.

 

 

 

Ревизијата се спроведе како кооперативна ревизија со ВРИ на Албанија и ВРИ на Косово, со поддршка на Агенцијата на Обединетите нации за родовa еднаквост и зајакнување на жените „UN Women“, каде Државниот завод за ревизија ја имаше улогата на координатор на активностите.

 

Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да го изразиме следниот заклучок: Mерките и активностите за родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд кои се преземаат од страна на надлежните државни институции НЕ се доволно ефикасни и ефективни со цел вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд и задржување во руралните средини.

 

Имено, во Националните стратегии за вработување и акциските планови не се предвидени посебни цели, индикатори, мерки и активности прилагодени за потребите на жените од руралните средини за нивно вклучување на пазарот на труд.

Жените од руралните средини и нивното вклучување на пазарот на труд, не се дел од стратешките приоритети и цели на Владата.

 

Податоците за реализација на Оперативните планови за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот не содржат податоци за корисници на мерки разделени по рурални и урбани средини, поради што не може да се утврди учеството на жените од руралните средини во овие програми и мерки.

 

Мерките за вработување и обуки кои се реализирани во периодот се општи, наменети се за сите мажи и жени во државата, но во нив не е вклучена родовата перспектива и не се прилагодени на потребите и специфичностите на жените во руралните средини.

Графикон 2

 

Состојба со инфраструктурата рурална средина с. Фурка Дојран.

 

Мерката Инвестиции во руралната јавна инфраструктура од ИПАРД Програмата која треба да придонесе за подобрување на инфраструктурата во руралната средина и услови за вклучување на жените и девојчињата во образованието и пазарот на труд како и здравствени услуги, поради недостиг на капацитети во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, не е акредитирана.

  Графикон 4Графикон 3

                                                                                                                       

 

Набавена опрема за производство на матеница од мерка 115 - Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство с. Ржаничино - Општина Петровец

 

 

Во 2019 година за прв пат била воведена родово одговорна мерка 115 - Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, а во 2022 година бил објавен и вториот јавен повик. Ревизорите утврдиле дека во 2022 година биле поднесени 66% помалку барања за финансиска поддршка во однос на 2019 година, а ставовите и перцепциите на жените се дека задоцнетите исплати на средствата за мерката од првиот повик влијаело на намалување на бројот на жени кои не поднеле барање во вториот повик.

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема спроведено анализа за ефектот од спроведувањето на Мерката 112 - Помош на млади земјоделци за започнување со земјоделска дејност, односно нејзиното влијание во зајакнување, зголемувањето на бројот на млади земјоделци кои започнале со земјоделска дејност и нивниот статус од родов аспект.

 

Не се донесени посебни законски решенија за поддршка на речиси целосно напуштените подрачја или подрачја во фаза на сериозна депопулација во Република Северна Македонија кои формираат географска територија со значителна големина од вкупната територија на државата (до 4%). Согласно податоците од Државниот завод за статистика во државата 205 населени места се без ниту еден жител, а 218 населени места се со помалку од 10 жители.

 

Во 2023 година донесена е Програма за користење на неповратна финансиска поддршка за жените кои вршат земјоделска дејност и имаат статус осигуреник индивидуален земјоделец, со која се стекнуваат со правото на надоместок за мајчинство за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, со што придонесува кон социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност.

 

Инвестирањето во објекти за згрижување на деца од предучилишна возраст во руралните средини претставува добра основа за задржување на младата популација во руралните средини, но утврдивме дека не е изработена  сеопфатна анализа за потребата по рурални средини, временски рокови, надлежни институции и потребни финансиски средства.

 

Во државата постојат пет јавни установи за сместување на стари лица и истите се лоцирани во градски средини. Стратегијата за родова еднаквост 2021 - 2027 година во целта подобрен квалитетот на работа на жените предвиден е индикатор - изградба на домови за стари лица во руралните средини, но не се предвидени активности за постигнување на целта, односно не е утврдено во колку и во кои рурални средини ќе се градат домови.

 

Во насока на надминување на утврдените состојби дадовме препораки до одговорните лица на институциите, со чија имапламентација се очекува да се подобрат и отстранат недостатоците во организацијата и функционирањето на надлежните институции и во процесот на вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд.

                 

   Прес  контакт: 
   Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
   Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]  
   Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]