dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Слабости во контролите на Фондот за извршените здравствени услуги од страна на здравствените установи

19.06.2024

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА 

- Соопштение за медиуми-                                                                                

Скопје, 19.06.2024 година

 

Слабости во контролите на Фондот за извршените здравствени услуги од страна на здравствените установи

 

Изразено е мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 година

 

Лого ФЗО во текст

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за 2022 година.

 

 

Ревизијата континуирано известува за слабостите во контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи кои не се соодветно воспоставени или спроведени, поради што не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги. Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, кои се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи создава ризик од пропусти и грешки.

Системските и мануелните контроли во процесот на препишување и издавање на лекови не се соодветно воспоставени и спроведени и постои ризик од плаќање на фактури за рецепти во вид и обем различен од реалниот. Иако од 2021 година се започнати активности за воспоставување на систем еРецепт кој треба да овозможи целосна контрола во процесот на издавањето на рецепти и лекови и фактурирањето кон Фондот, истиот до денот на ревизијата не е имплементиран.

Издвоените средства за условен надоместок во 2022 година изнесуваат 1.721.002 илјади денари за 24 јавни здравствени установи и истите бележат континуиран раст, прикажан на следниот Графикон.

Графикон - Условен надоместок за период од 2017 до 2022 година (во 000 денари)

 

Графикон 1

Реализацијата на условниот надоместок во јавните здравствени установи нецелосно се следи од Фондот и не се вршени финансиски контроли на наменското трошење на средствата, на набавката и евиденцијата на лековите и на извршените здравствени услуги за 2022 година. Утврдените состојби укажуваат на слабости во планирањето, реализацијата и контролата на условниот надоместок и влијаат на остварувањето на целите заради кои е одобрен условен надоместок.

Во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица постојат слабости и неправилности, при што не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство. Побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници. Ваквата состојба резултирала со тужбени барања од странска болница, за кои постои неизвесност за крајниот исход. 

Исто така ревизијата во континуитет укажува на слабостите во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради отсуство на ИТ стратегија, недостиг на ИТ кадар и застарена серверска структура, што во 2023 година резултирало со сајбер напад на ИТ системот на Фондот. Од друга страна,при спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки на опрема и услуги за ИТ системот ревизијата констатира неправилности, односно дел од договорите не се склучени во законски предвидениот рок и не е обезбедена конкуренција.

Во делот Клучни ревизорски прашања, во ревизорскиот извештај се укажува дека не е обезбедено вистинско купување на услуги предвидено со Законот за здравственото осигурување, односно Фондот наместо да ги надоместува извршените здравствени услуги е принуден, во рамки на утврдениот буџет,  да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи. При тоа 2/3 од нив не успеваат да остварат обем на здравствени услуги во висина на договорениот надоместок, поради што имаат статус на неодржливи, што покрај останатото се должи и на неажурираните референтни цени на услугите.

Имено, ревизијата повеќе години наназад известува дека ЈЗУ и Фондот не ги прават потребните анализи на трошоци за приближување на референтните цени кон реалниот потрошок за единица здравствена услуга, а кои е потребно тековно и континуирано да се менуваат поради влијанието кое го имаат јавните набавки во цената на услугите како и зголемувањето на платите на вработените во ЈЗУ.

Покрај тоа ревизијата известува и за Листата на лекови на товар на Фондот која не е ажурирана и за Националната стратегија за е-здравство која сѐ уште не е усвоена.

Од страна на раководните лица на Фондот добиени се Забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор, истите се разгледани и констатирано е дека три забелешки не се прифаќаат, а останатите преставуваат известување за преземените мерки по дадените препораки и образложение за констатираните состојби.

Прес контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]