dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Високиот процент на загуба на вода за пиење влијае на рентабилноста на работењето на ЈКП Стандард Дебар

13.03.2024

 ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
-
Соопштение за медиуми -

 

Скопје 13.03.2024 година

Високиот процент на загуба на вода за пиење влијае на рентабилноста на работењето на ЈКП Стандард Дебар

 

Рентабилноста и континуитетот на ЈКП е доведена во прашање поради поголемиот број на утврдени неправилности во работење и високиот процент на нефактурирана вода од 81%.

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното комунално претпријатие „Стандард‘‘ Дебар, за 2022 година.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на ЈКП и поради нивното значење не е изразено мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година, а за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики изразено е неповолно мислење.

Утврден е висок процент на загуба на вода од 81,2%, односно само 18,8% од водата за пиење се приходува (од 3.784.320 м3 произведена/испорачана вода за пиење, се фактурира 712.435 м3).

Во текот на 2022 година, за Општина Центар Жупа испорачани се 512.460м3 вода за пиење, кои не се приходувани / фактурирани и наплатени, односно ЈКП нема склучено договор со општината за регулирање на правата и обврските за снабдување со вода за пиење и одржување на системот, кое пак има за ефект помалку остварени приходи на претпријатието во износ од 9.737 илјади денари, помалку пресметан данок на додадена вредност и надоместок за вода кои претставуваат приходи на Буџетот на Република Северна Македонија.

 

 

 

Графикон 1

Исто така, нереално се пресметани количините на потрошена вода за дел од корисниците, односно само на 40% од нив им се фактурираат реално потрошените количини на вода мерени со водомер, а на останатите им се фактурира потрошена вода по член на домаќинство (паушал).

Со извршената ревизија е утврдено дека претпријатието врши одведување на отпадните води, иако се нема стекнато со водно право (дозвола) за испуштање на води за системите со кои располага, што ја доведува во прашање неговата способност и одговорност како давател на услугата. Воедно, претпријатието во сметките за вода за утврдените количини за одведување отпадни води, не го пресметува и посебно искажува надоместокот за испуштање во води во висина од 1% од утврдената цена на услугата, што има за ефект помалку остварени средства во Буџетот на Република Северна Македонија.

Во насока на обврската за заштита и унапредување на добрата од општ интерес и деловната политика на јавното претпријатие, ревизорите констатирале дека во текот на 2022 година, извршен е отпис на побарувања во износ од 1.345 илјади денари за физички лица и 3.315 илјади денари за правни лица, за кои не е донесена Одлука на Управниот одбор.

Констатирани се неправилности и во начинот на утврдување и пресметка на бруто плата на вработените, а воспоставена е пракса на готовински исплати на нето платите на вработените преку благајната на претпријатието, за кои не постои потврда / доказ за исплатениот износ, кој во текот на 2022 година изнесува 13.669 илјади денари. Исто така, не е утврден благајнички максимум, а паричните средства од дневниот пазар примени во готовина не се уплаќаат навремено на трансакциската сметка на претпријатието.

Потребата од човечки ресурси, јавното претпријатие ја обезбедува со ангажирање на лица по договор за дело, за кои во 2022 година се евидентирани расходи во износ од 3.469 илјади денари. За ангажирање на лицата не постојат пишани критериуми како во поглед на стручните квалификации и компетенции така и во поглед на висината на надоместоците.  

 

Во 2022 година, извршени се набавки на стоки и услуги во износ 4.096 илјади денари, за кои не се спроведени постапки за ЈН.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]