dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Развојот на професионалните капацитети на вработените - алатка за успех на ДЗР

30.11.2023

На 29 и 30 ноември 2023 година, вработени на Државниот завод за ревизија учествуват  на дводневна работилница на тема поврзана со ревизија на успешност – Вредност за парите (Value of money).

Водејќи се од стратешките цели на Стратегијата за развој 2023-2027, Државниот завод за ревизија континуирано вложува како за индивидуалниот развој на вработените, да бидат посветени и мотивирани, така и во зачувувањето на епитетот кредибилна, доверлива и професионална институција во државата.

Фокус на дводневната работилница е процесот на спроведување на ревизија на успешност – Вредност за парите, чија цел е независна ревизија заснована на докази која испитува и известува дали е постигната економичност, ефективност и ефикасност во користењето на јавните средства.

Взаемното искуство е придобивка за сите нас, а Државниот завод за ревизија е институција која се залага за проактивен и иновативен пристап кон изградба и развој на човечки и професионални капацитети, а од друга страна пак очекува и поголем ангажман од страна на овластените и државни ревизори, да дејствуваат како професионалци и ревизорската работа да ја вршат квалитетно, на време и што е можно поефективно и поефикасно – истакна во својот воведен говор, Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски.

На работилницата своето искуство за ревизија на успешност - Вредност за парите го пренесоа колегите од Националната канцеларија за ревизија на Обединетото Кралство, осврнувајќи се посебно на определувањето на обемот и планирањето на ревизијата, изборот на правилни методологии за исполнување на целите на ревизијата, разбирање на наодите и донесување на одлуки, како и подготовка на ревизорски извештај кој ќе има влијание.

Во духот на долгогодишната успешна соработка и заложбите за унапредување на професионалните вештини на вработените на Државниот завод за ревизија, работилницата беше организирана и подржана од Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD) во државата.