dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Годишниот извештај на ДЗР презентиран во Собранието

16.11.2023

На 120 -та пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 15.11.2023 година, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски го презентираше Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на ДЗР за 2022 година.

Во своето експозе пред пратениците, Главниот државен ревизор потенцираше дека Државниот завод за ревизија при изборот и дефинирањето на опфатот на ревизиите, како и досега се водеше од стратешките цели и начелата за транспарентно и наменско трошење на средствата за подобрување на квалитетот на услугите достојни за граѓаните на нашата држава.

„Ние, како Државен завод за ревизија сметаме дека имаме храброст да ги видиме работите онакви какви што навистина се, како и вештини кои ни помагаат да го продолжиме процесот на добивање доверба, препознатливост на работата на институцијата, зајакнување на угледот на независна, објективна и ефикасна Врховна ревизорска институција во насока на заштита на средствата на даночните обврзници.

Нашата работа е потврдена не само од домашни и меѓународни институции, напротив со Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија во процесот на европска интеграција за 2023 година во поглавје 32 – Финансиска контрола – Надворешна ревизија јасно и недвосмислено е потврден нашиот квалитет на работа и резултатите кои се постигнати, за што изразувам благодарност до сите Вас за досегашната соработка и поддршка, до вработените во Државниот завод за ревизија и секако до сите донатори кои дадоа придонес во развојот на ДЗР“ – истакна Главниот државен ревизор во Собранието на Република Северна Македонија.

Во Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2022 година се содржани вкупно 1.242 утврдени состојби и 775 препораки од 223  ревизорски извештаи, преку кои е доставена објективна информација за работата на ревидираните субјекти.

Во однос на показателите од работењето на ДЗР, со ревизиите во 2022 година зголемен е опфатот на ревидирани расходи во однос на вкупните буџетски средства, а значително се подобрени и показателите за спроведувањето на ревизорските препораки. Во исто време зголемена е додадената вредност од извршените ревизии пред се во делот на висината на утврдените помалку пресметани, помалку вратени односно помалку уплатени средства во Буџетот на Република Северна Македонија што укажува на фактот дека придонесот на ДЗР кон зајакнување на институциите и менаџерската одговорност е се позначаен во нашето општество.

Линк од експозето на Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски:

Презентација Годишен извештај на ДЗР за 2022 година, ГДР Максим Ацевски - Собрание (15.11.2023)