dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Средба за зајакнување на соработката со ВРИ на Република Чешка

24.10.2023

Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски заедно со своите соработници, оствари билатерална средба со Претседателот на Врховната канцеларија за ревизија на Република Чешка, а воедно и Претседател на Европската организација на врховните ревизорски институции (EUROSAI), г. Мирослав Кала.

Во рамки на билатералната средба а во насока на воспоставување на институционална соработка од заеднички интерес меѓу Државниот завод за ревизија и Врховната канцеларија за ревизија на Република Чешка, се потпиша Меморандум за соработка.

Целта на овој Меморандум е создавање на основа за континуирана професионална и техничка соработка на заеднички активности за унапредување на висококвалитетно управување со јавните финансии, заснована на принципите и стандардите за професионализација на INTOSAI и EUROSAI каде членуваат двете институции, а воедно и размена на искуства и добри практики за подобрување на знаењето и вештините на вработените и градење на капацитетите на институциите.

На средбата, двете институции презентираа за нивниот развој и поставеноста, успесите и напредокот низ годините, развојните перспективи и предизвиците со кои се соочуваат.

Главниот државен ревизор, г. Ацевски ги презентираше резултатите од работата на Државниот завод за ревизија, особено осврнувајќи се на клучните индикатори за мерење на степенот на успешност за работата на ДЗР, како и комуникацијата и соработката на институцијата со засегнатите страни и надлежните институции.

Од друга страна, претставниците на Врховната канцеларија за ревизија на Република Чешка, поздравувајќи ги презентираните резултати и додадената вредност  од работата на ДЗР, се осврнаа исто така и кон нивниот напредок и предизвиците со кои се соочуваат како врховна ревизорска институција, а воедно и претседавач на EUROSAI.

На крајот од средбата, претставниците на двете Врховни ревизорски институции изразија подготвеност за интензивирање на идна заедничка соработка од взаемен интерес за професионален развој на капацитетите на двете институции и размена на искуства и добри практики, настојувајќи резултатите од ревизиите да ги презентираат на разбирлив начин по пат на визуелизација.

Заклучено е оваа соработка да се продлабочи како на билатерална основа, така и во рамките на EUROSAI, во која Државниот завод за ревизија е нејзина членка од 2002 година и активно придонесува во нејзината работата преку учество во активностите на нејзините работни тела и иницијативи.

Линк до потпишаниот Меморандум за соработка
https://dzr.mk/sites/default/files/2023-10/Memorandum_sorabotka_DZR_VRI_Ceska_23_10_2023_mkd_0.pdf