dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Студиска посета во Велика Британија

02.05.2023
Слика
Студиска посета во Велика Британија

Во периодот 26-28 април, делегација на Државниот завод за ревизија предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми, Раководителот на програми во Британската Амбасада во Скопје, Лилјана Ристовска, Директорот на Фондацијата за демократија на Вестминстер во државата, Дона Костуранова и Раководителот на програми во ВФД, Петар Трајков престојуваa на студиска посета во Националната ревизорска институција (NAO) и парламентот на Велика Британија.

Делегацијата на ДЗР оствари повеќе средби во Парламентот на Велика Британија, со пратеникот Мартин Викерс, претседател на парламентарната група за Северна Македонија, со Луис Мек Наир, специјалист по финансии, одделение за надзор и контрола, како и со поранешниот секретар на комисијата за јавни сметки Ричард Кук, во врска со работата на Комисијата за јавни сметки во Парламентот. Првиот ден од студиската посета делегацијата ја посети и канцеларијата на ВФД во Лондон, каде остварија средба со Регионалниот директор за Европа и Централна Азија за Фондацијата за демократија на Вестминстер, Крис Левик и експертот за пост-законодавен надзор, независни надзорни институции, финансиска контрола и антикорупција,  Френклин Де Вријзе.

Во текот на вториот ден од студиската посета, претставниците на ДЗР ја посетија Националната ревизорска институција на Велика Британија, каде срдечно добредојде им посака Извршната директорка Ребека Ширам.

Целта на студиската посета беше да се разменат знаења, искуства и добри практики за начинот на кој Парламентот ја остварува својата надзорната улога и ги разгледува ревизорските извештаи, како и презентирање на надлежностите на Комисијата за јавни сметки. На состанокот во Канцеларијата на Фондацијата за демократија на Вестминстер во Лондон, во фокус беа спроведувањето на ревизиите на јавниот долг и размена на искуства кои ДЗР ги има спроведено на оваа тема, како и разгледување на можностите за идна соработка.

При посетата на Националната ревизорска институција на Велика Британија, претставниците на двете врховни институции разменија мислења и идеи за зајакнување на соработката помеѓу двете ревизорски институции, со посебен акцент на ревизијата за „вредност за пари“ и комуникациските практики на двете институции.

Посетата беше спроведена и организирана со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD) преку проектот „Практикувај демократија“ финансиран од Британската Амбасада во Скопје.