dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Зајакнување на парламентарниот фискален надзор

04.04.2023
Слика
Зајакнување на парламентарниот фискален надзор

Во организација на Националниот демократски институт (НДИ), на ден 03.04.2023 година, претставници од Државниот завод за ревизија, членови и заменици членови од собраниската Комисија за финансирање и буџет и претставници од собраниската служба (Парламентарна буџетска канцеларија и Парламентарен институт) учествуваа на работилница на тема „Зајакнување на парламентарниот фискален надзор“.

Работилницата со поздравни обраќања ја отворија г-ѓа Лидија Стојкова-Зафировска, Директорка на програми од НДИ, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, г. Бојан Стојановски, Претседател на Комисијата за финансирање и буџет и координатори од пратеничките групи.

Во своето воведно обраќање, г-ѓа Лидија Стојкова-Зафировска потенцираше дека Собранието на Република Северна Македонија има на располагање мноштво механизми за контрола над извршната власт. Сепак, конечните ревизорски извештаи на ДЗР се уникатен ресурс кој доколку се користи редовно може да спречи системски недоследности и да ги намали ризиците од корупција. Притоа потенцираше дека радува подготвеноста кај пратениците кои изразија подготвеност за суштинско разгледување на извештаите на ДЗР за да можат да влијаат на рационално трошење на јавните средства, и да ја вратат довербата на граѓаните во институциите.

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, презентирајќи ги пред претставниците од Собранието одличните резултати од работењето на Државниот завод за ревизија, ја апострофираше потребата од продлабочување на соработката и комуникацијата помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на Република Северна Македонија особено во делот на разгледување и дискутирање по клучни конечни ревизорски извештаи во Комисијата за финансирање и буџет и матичните тела во Собранието. Исто така, потсети дека Државниот завод за ревизија со години продуцира квалитетни конечни ревизорски извештаи во кои нотира клучни состојби и дава соодветни препораки и истите се најсилната алатка за воспоставување на квалитетен надзор и ефикасно контролно опкружување.

Презентации за планирањето на ревизиите и методолошките акти и зајакнувањето на соработката меѓу ДЗР и Собранието преку имплементација на потпишаниот Меморандум за соработка имаа г-ѓа Цвета Ристовска, Помошник на главниот државен ревизор и г-ѓа Маја Јовановска Цветковски, Раководител на ревизија во Државниот завод за ревизија, кои поттикнаа квалитетна и продуктивна дискусија од учесниците на работилницата.