dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Низок степен на реализација на владините мерки во секторот туризам

12.08.2022
Слика
Ефикасност владини мерки врз секторот туризам

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
- Соопштение за медиуми -

 

Скопје, 12.08.2022 година

 

Низок степен на реализација на владините мерки во секторот туризам

Недостапноста на навремени, консолидирани и јасни податоци за доделената финансиска поддршка оневозможува да се изготвуваат навремени и ефикасни анализи за ефектот на владините мерките во секторот туризам

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема ,,Ефикасност на преземените мерки и политики за намалување на ефектите од пандемијата во секторот туризам’’, согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2021 година.

Целта на извршената ревизија e да се даде одговор на прашањето „Дали преземените мерки и политики од страна на Владата на РСМ и надлежните институции се во функција на развој на туризмот и намалување на ефектите од кризата од пандемијата во секторот туризам?”

Ревизорите констатирале дека креирањето на мерките и политиките треба да се врши со среднорочно и долгорочно стратешко планирање на државно ниво, со дефинирање на цели и приоритети, како и потреба од анализа за влијанието на мерките со што ќе се обезбеди следење на ефикасноста од нивното спроведување и ќе се дадат идни насоки за постапување. 

Недостапноста на навремени, консолидирани и јасни податоци за доделената финансиска поддршка оневозможува да се изготвуваат навремени и ефикасни анализи за ефектот на мерките во секторот туризам.

Ревизорите утврдија низок степен на реализација на мерките во секторот туризам, и тоа:

 Нискиот степен на реализација на мерките од областа туризам не одговара на поставените цели за справување со кризата од пандемијата.

Во однос на воспоставената правна рамка која го регулира секторот туризам со ревизијата е утврдено дека има потреба од измени на законската регулатива поради потешкотии во имплементацијата на законските решенија, што води кон отежната реализација на програмите за развој на туризмот.

Со анализата на Националната стратегија за развој на туризмот 2016-2021 и Акцискиот план 2019-2021, ревизорите констатираат дека не се следи реализацијата на планираните активности и незадоволителен е степенот на имплементација на активностите од Акциониот план, што влијае на планирањето, креирањето, донесувањето и имплементацијата на политиките и мерките во областа туризам.

Во делот на реализацијата на програмските активности на надлежните институции за туризам е утврдено континуирано намалување на Буџетот за период 2018-2021 година, со исклучок на 2020 година.

Исто така утврдена е потреба од унапредување на институционалните капацитети, соработка и координација на активностите на  централно и локално ниво и формирање на Комитет за туризам како орган од највисок ранг надлежен за туризмот во земјата.

Со престанок на работата на Координативното тело за туризам не постои целосна координација меѓу институциите и носителите на секторот туризам, а поединечното делување доведува до намалување на влијанието на секторот при креирањето на интервентни политики за справување со кризата од Ковид-19, видот на мерките, нивното навремено носење и брза реализација.

Во однос на креирањето на економските мерки за справување со пандемијата утврдено е отсуство на документација за извршена претходна анализа и проценка при креирањето на мерките на која се базира планираниот опфат и потребните средства за секоја економска мерка, условите и критериумите за нивно доделување, како и  анализа за влијанието на мерките и утврдување на целта што треба да се постигне на краток, среден и долг рок. Ваквата состојба го отежнува следењето на успешноста од спроведување на мерките, како и отсуство на идни насоки за постапување.

Владата на РСМ нема воспоставено систем за следење на секоја мерка одделно и не е развиена и објавена централна база на податоци во која на дневно или месечно ниво би се објавиле информации за степенот на реализација на секоја поединечна мерка со податоци за планираните средства,  бројот на деловни субјекти и граѓани за кои е наменета мерката, изворот на средствата, степенот на нивната искористеност и неискористеност, причините за не реализираност на мерката.

Во однос на контролата над исполнувањето на условите за доделената финансиска поддршка на туристичките агенции од шестиот пакет на мерки, ревизорите констатираат дека не е утврден начинот на кој ќе се врши контролата за исполнување на условите, ниту пак е определена надлежната институција која ќе ја врши контролата и мерки кои ќе се преземат во случај на неисполнување на критериумите и неизвршен поврат на средства.

Со спроведената ревизија е добиено разумно уверување дека Владата на РСМ преку донесените антикризни мерки за поддршка на економијата/туристички сектор, кои се фокусирани на граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност и креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од корона вирусот, како и програмските активности на надлежните институции за туризам имале делумно влијание за ефикасно справување со последиците од пандемијата и намалување на ефектите од кризата во секторот туризам.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]

Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 

Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]