dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Интегритетот како врвен приоритет во справувањето со корупцијата

16.12.2020
Слика
ГДР-ВТОРА

Во текот на изминатата недела се одржа второто издание на националниот настан „Недела на интегритет и антикорупција“ (Week of Integrity), кој се организираше од страна на Интернационалната стопанска комора, со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

За таа цел беше организирана панел дискусија на тема „Национални предизвици во справувањето со коруптивните практики“, на која учествуваа Амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, претставници од Владата на РСМ, претставници на институции задолжени за превенција и борба против корупцијата и универзитетски професори, кои преку видео презентации ги споделија своите искуства, упатувајќи пораки и заложби во насока на минимизирање на оваа негативна појава во нашата држава.

Свое обраќање имаше и главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски кој истакна:  „Даночните обврзници ги поседуваат јавните средства и тие мора да бидат заинтересирани како се користат нивните средства. Државниот завод за ревизија е нивен партнер и остварувајќи ја својата визија ќе делува во насока на остварување на соодветна вредност за дадените пари“. Воедно главниот државен ревизор потенцираше дека „Моќта има тенденција да расипува, апсолутната моќ расипува апсолутно“.

Неделата на интегритетот претставува активност која го одбележа Меѓународниот ден за борба против корупцијата (9 декември) истовремено иницирајќи ја потребата од зајакнување на соработката на јавните и приватните институции и граѓански организации, се со цел подигнувањето на свеста за важноста на етичкото постапување, потсетувајќи дека ниту една земја, без оглед на тоа колку е демократска, не е имуна на феноменот на корупцијата.