dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Известување за доставување на барања за вршење ревизии до ДЗР

10.12.2020
Слика
Барање за вршење ревизија

Известување на надворешни заинтересирани страни за доставување на барања / предлози за вршење на ревизии до Државниот завод за ревизија

Почитувани,

Согласно Законот за државната ревизија и Упатството за стратешко и годишно планирање на ревизиите на ДЗР (2021-2023 година), Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија ја донесува главниот државен ревизор кон крајот на тековната година, во која се дефинираат ревизорските активности кои треба да бидат реализирани за наредната календарска година. Истата потоа се доставува до Собранието на РСМ и се објавува на веб страната на ДЗР.

Во таа смисла, Државниот завод за ревизија согласно членот 23 од Законот за државната ревизија, задолжително еднаш годишно врши ревизија на Буџетот на Република Северна Македонија и на буџетите на фондовите во државата. Во однос на останатите субјекти кои можат да бидат предмет на ревизија, ваквиот опфат е регулиран со членот 22 на овој закон и се врши во рокови кои се утврдени со Годишна програма за работа на Државниот завод за ревизија. Ревизиите во програмата се предлагаат согласно:

  • Правилникот за начинот на вршење на државната ревизија;
  • Упатството за стратешко и годишно планирање;
  • Одлуката за определување на стратешките цели за ревизии на ДЗР за период 2021 – 2023 година и за приоритетни области за ревизии по сектори кои вршат ревизија; и
  • Други стратешки и методолошки акти на ДЗР.

При процесот на утврдување на  барања и предлози за вршење на ревизии, се разгледуваат и предлозите дадени од  страна на надворешните заинтересирани страни како што се:

  • Барања за ревизии од страна на Собранието на РСМ согласно критериумите за годишно планирање на ревизии;
  • Барања за ревизии од субјекти (Влада на РСМ, Државна комисија за спречување на корупција, граѓански организации, трети заинтересирани страни) и
  • Барања/Предлози произлезени од зголемениот интерес на јавноста.

Барањата/Предлозите кои се произлезени од страна на надворешните заинтересирани страни можат да бидат прифатени доколку се во согласност со Стратешкиот план за ревизии на ДЗР и во согласност со расположливите ресурси за предметната година, како и во согласност со постапките за утврдување на ризиците при годишното планирање на ревизиите.

За таа цел, Државниот завод за ревизија ги повикува и воедно охрабрува сите заинтересирани надворешни страни да достават свои барања/предлози за субјекти за кои постои зголемен јавен интерес за вршење на државната ревизија. Одговорното, отчетното и транспарентното работење се темелните вредности за кои во континуитет се бори и заложува Државниот завод за ревизија, како Врховна ревизорска институција во државата.

Барањата/Предлозите можат да се достават во хартиена форма до Државниот завод за ревизија (ул. Павел Шатев бр. 2, Палата „Емануел Чучков“) или пак електронски на веб страната на ДЗР (https://dzr.mk/mk/contact/barane_za_revizija), најдоцна до 21.12.2020 година.