dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

КЈП „Водовод“ Кочани регистрирал загуба на вода од 67,75 % од вкупно испорачаната вода во 2019 година

09.12.2020

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

 - Соопштение за медиуми- 

Скопје, 09.12.2020 година

 

КЈП „Водовод“ Кочани регистрирал загуба на вода од 67,75 % од вкупно испорачаната вода во 2019 година

Во системот за снабдување со вода во 2019 година се испорачани вкупно 4.787 илјади метри кубни вода за пиење, фактурирани се 1.544 илјади метри кубни вода за пиење, што претставува 32,25% фактурирана количина во однос на испорачаната односно регистрирана е загуба на вода што се должи на дефекти во системот (стара и дотрајана водоводна мрежа), кражби и диви и нелегални приклучоци

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани за 2019 година. За вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, ревизијата изрази неповолно мислење, додека пак за усогласеноста со законите и прописите за 2019 година, ревизијата изрази мислење со резерва.

Ревизорите констатирале дека по основ на обврски за надоместок за користење на води, надоместок за испуштање во води, надоместок за користење на геотермални води, надоместок за одржување на јавна чистота и надоместок за управување со отпад и комунална такса за паркинг, утврдена е состојба на значителен износ на неуплатени средства во корист на Буџетот на РСМ и Буџетот на општината.

Во ревизорскиот извештај е констатирано дека во системот за снабдување со вода во 2019 година се испорачани вкупно 4.787 илјади метри кубни вода за пиење, а фактурирани се 1.544 илјади метри кубни вода за пиење. Тоа претставува 32,25% фактурирана количина во однос на испорачаната, односно регистрирана е загуба на вода што се должи на дефекти во системот (стара и дотрајана водоводна мрежа), кражби и диви и нелегални приклучоци

Непреземањето мерки за минимизирање и отстранување на причините за загуби на вода, предизвикува нереална и необјективна состојба во процесот на фактурирање на испорачаната количина на вода за пиење и има директен ефект кој резултира со помалку остварени приходи на претпријатието, а истовремено и помалку пресметан ДДВ и надоместок за вода како приходи на Буџетот на државата.

Во сметководствената евиденција на КЈП Водовод „Кочани“ (состојба на 31.12.2019 година) искажани се обврски за надомест за користење на води  во вкупен износ од 26.982 илјади денари, како пресметани неплатени обврски од страна на јавното претпријатие во Буџетот на Република Северна Македонија, кои се акумулирани години наназад. Овие средства се наплаќаат од субјектите правни и физички лица корисници на услугите на јавното претпријатие, кое е должно да ги наплати и уплати во Буџетот на РСМ.

Во однос на обврските на КЈП Водовод „Кочани“ по основ на надоместоци спрема Буџетот на Општина Кочани за одржување на јавна чистота, управување со отпад и комунална такса за користење на простор за паркирање на патнички моторни возила, ревизорите утврдиле  обврска на јавното претпријатие во вкупен износ од 9.552 илјади денари. Јавното претпријатие е должно да ги наплати и уплати овие средства во корист на буџетот на Општина Кочани.

Во делот на внатрешната ревизија КЈП Водовод „Кочани“ согласно членот 30 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и Правилникот за внатрешна организација, има основано одделение за внатрешна ревизија. Предвидено е во одделението да работат тројца вработени (раководител и двајца внатрешни ревизори). Но, ревизорите констатирале дека во одделението за внатрешна ревизија нема пополнето ниту едно работно место. Ревизорите сметаа дека поради ова раководството на јавното претпријатие нема информации за постоење и функционирање на интерните контроли.

Од извршениот увид во документацијата која се однесува на обврските на раководниот орган во делот на известувањето, ревизорите констатирале состојба дека не се изготвува извештај за работата на јавното претпријатие на секои шест месеци. Овој ревизорски наод упатува на неусогласеност во постапувањето согласно  одредбите од членот 23-а од Законот за јавни претпријатија. Овој член предвидува дека директорот е должен секои шест месеци да доставува извештај за работењето на јавното претпријатие до Управниот одбор и до Градоначалникот. 

Линк до извештајот: https://dzr.mk/sites/default/files/2020-12/36_FR_JP_Vodovod_Kocani_KOMPLET_2020_REDUCE.pdf

Прес контакт:
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]