dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Тркалезна маса за состојбите со јавните набавки во земјата

27.11.2020
Слика
Дискусии на тема јавните набавки

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, учествуваше на онлајн настан организиран од страна на Центарот за граѓански комуникации со работен наслов „Тркалезна маса за состојбите со јавните набавки во земјата“, кој се организира и реализира традиционално кон крајот на секоја календарска година.

Целта на одржаниот настан беше да се дискутира отворено за досегашните искуства, сознанија, предности и слабости во системот на спроведување на јавните набавки, како и предложување на конкретни насоки и мерки за подобрување на примената во иднина. На тркалезната маса, учествуваа претставници од повеќе државни институции, единици на локалната самоуправа,  граѓански организации, како и претставници на јавни претпријатија основани од Владата на РСМ и од општините.

Главниот државен ревизор во својата дискусија се осврна на дел од мерките коишто треба да бидат преземени, со цел превенција од можни случаи на корупција при постапките на спроведување на јавните набавки и трошењето на јавните средства и тоа:

  • Потреба од воспоставување на ефикасен систем во фазите на планирање, следење и реализација на јавните набавки во институциите и јавните претпријатија;
     
  • Дефинирање на јасни системски правила, политики и процедури за вработените лица во договорните органи кои се директно вклучени во постапките за спроведување на јавните набавки;
     
  • Овозможување на доволно човечки ресурси и целосна независност на внатрешната ревизија и внатрешните ревизори во институциите и јавните претпријатија, со што ќе се обезбеди квалитетна контрола во постапувањето и намалување на ризиците од можна корупција;
     
  • Обезбедување на континуирана едукација, усовршување и систем на наградување за вработените лица се со цел создавање на професионална, одговорна и етичка јавна администрација.