Извршена е ревизија на Специјалното јавно обвинителство за периодот 2015-2019 година на тема „Плати и додатоци на плати и други надоместоци“

Вто, 29.09.2020 - 10:07

На барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати и други надоместоци во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“. Извршената ревизија се однесува на периодот 2015 – 2019 година.

Во ревизорскиот извештај се нотира дека
додатоците на плата за 2015 година, коишто се предвидени за Јавниот обвинител и јавните обвинители во ова обвинителство, го надминуваат износот на исплатените средства за основната плата по лице.

Ваквата констатација е резултат на извршените детални тестирања на доставената документација, како и анализата на податоците од деловните книги. Во предвид се земени и интерните акти донесени од страна на Јавниот обвинител, односно Правилникот во кој се утврдени додатоците во апсолутни износи.

Правото на додаток на плата на Јавниот обвинител и јавните обвинители во СЈО е уредено со член 14 од Законот за СЈО, согласно кој утврдени се додатоци на плата и тоа:  додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.

Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители од декември 2015 година, уредено е дека вкупниот износ на висината на додатоците не може да изнесува повеќе од 35% од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот на утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител да донесе посебен акт.

Ревизорските наоди кои се однесуваат на остварувањето на правото на други надоместоци произлегуваат од прибавени информации кои имаат степен на класификација, поради што Државниот завод за ревизија согласно член 29 од Законот за државната ревизија изготви посебен извештај, согласно Законот за класифицирани информации, а висината на исплатените средства по овој основ изнесуваат 282.896 илјади денари.


За извршената ревизија, Државниот завод за ревизија го даде следниот заклучок:

Врз основа на извршената ревизија, утврдивме дека
остварувањето на правото на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти.

Исто така утврдивме дека
освен додатоците на плата за 2015 година, остварувањето на правото на додатоците на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти.

Во однос на
остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти.

 

 

Поврзани линкови: