Во знак на искрена благодарност до Турскиот суд за сметки и Турската агенција за соработка и координација (TİKA) за нивната драгоцена поддршка во реализацијата на Програмата за обука за финансиска ревизија, што се одржа во Анкара од 22 до 26 јуни 2026 година, Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија подготви кратко видео како израз на почит и благодарност за успешната соработка.
Во рамки на програмата, 15 вработени од Државниот завод за ревизија имаа можност да разменат знаења, искуства и добри практики во областа на државната ревизија, со посебен акцент на современите ревизорски методологии, Целите за одржлив развој, анализата на податоци и примената на вештачката интелигенција во ревизорските процеси. По успешно завршената обука, учесниците се стекнаа со сертификати, кои им ги врачи претседателот на Турскиот суд за сметки, г-дин Метин Јенер.
Преку ова видео ги претставуваме дел од природните убавини, културното и историското наследство на Република Северна Македонија како симбол на нашата благодарност, но и на долгогодишното пријателство и успешната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Турција.
Упатуваме искрена благодарност до претседателот на Турскиот суд за сметки, г-дин Метин Јенер, до Турскиот суд за сметки и до TİKA за нивната поддршка, гостопримство и посветеност. Уверени сме дека ова успешно партнерство ќе продолжи и во иднина, во интерес на понатамошно унапредување на ревизорската професија и институционалната соработка.