dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Неосновани исплати поради пропусти во системот за остварување и исплата на права од социјална заштита

10.06.2026

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА                                                                                
 - Соопштение за медиуми-
       

Скопје, 11.06.2026 година

 

исплати поради пропусти во системот за остварување и исплата на права од социјална заштита

Слабостите во системските контроли и размената на податоци меѓу институциите и недоволната ажурност и проверка на податоците за корисниците придонеле кон исплати на социјални права без целосно исполнување на законските услови и нанесена штета на Буџетот на државата

Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2025 година изврши ревизија на усогласеност  на тема Исплата на права на парична помош од социјална заштита“.

Со ревизијата опфатен е периодот од 2022 заклучно со месец јуни 2025 година но одредени прашања, настани и анализи се опфатени и последователно до денот на известување од извршената ревизија, со цел да се оцени начинот на кој се извршуваат  активностите поврзани со остварувањето на правата на парична помош од социјална заштита во Република Северна Македонија и нивната исплата која се реализира преку Министерството за труд и социјална политика  односно Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ).

Со извршената ревизија ревизорите утврдиле дека системот и активностите за остварување, исплата и контрола на правата од социјална заштита не се во согласност во сите материјални аспекти со релевантната законска и подзаконска регулатива.

Постапката на остварување на правата од социјална заштита се спроведува преку Јавните установи Центри за социјални работи (ЈУ ЦСР), кои одлучуваат и носат решение за исплата на правата.

Предмет на ревизија се правата на парична помош од социјална заштита кои се од значење за темата на оваа ревизија и тоа:

  • гарантирана минимална помош,
  • надоместок заради попреченост,
  • надоместок за помош и нега од друго лице,
  • надоместок на плата за скратено работно време,
  • додаток за домување,
  • траен надоместок,
  • еднократна парична помош,
  • социјална сигурност за старите лица,
  • право на цивилна инвалиднина и
  • право на социјална заштита на лице барател на право на азил.

Анализата на правната рамка во социјалната заштита укажува на недоречености и повеќе неусогласености меѓу донесените подзаконски акти и барањата за остварување права во делот на документацијата што треба да се прибавува по службена должност, што создаваат административна недоследност и можност за различна примена во пракса.

Националната програма за развој на социјалната заштита 2022–2032 поставува среднорочна и долгорочна рамка на предвидени активности и мерки во областа на социјалната заштита, но истата бележи ограничена имплементацијата и не е воспоставен предвидениот координативен механизам за нејзино следење и евалуација. Годишните програми и стратешките планови на МСПДМ претежно имаат буџетски карактер, без систематска аналитичка основа, мерливи индикатори и проценка на ефектите, што ја ограничува нивната улога во управување со реформите.

Од вкупно исплатените права од областа на социјалната заштита во форма на парични надоместоци, вклучително и исплатите по основ на здравствена заштита, во текот на 2024 година се исплатени средства во вкупен износ од 10.003.289 илјади денари односно 162.128.000 евра, што претставува 15% од вкупните расходи на МСПДМ. Средствата се исплатени за просечен број од 113.666 корисници на социјални права. Исплатите во периодот од 2022 до 2024 година бележат тренд на пораст од околу 30%, што укажува на растечки тренд на опфат на средства од буџетот.

Кај постапките за остварување на правата утврдени се слабости во однос на некомплетна документација и непочитување на законските критериуми. Дел од правата се остварени без целосно исполнување на условите и без задолжителна документација, а утврдени се  и пропусти во спроведувањето на постапките, како што се:

  • неизвршен непосреден увид во домаќинството,
  • недоволно или неспроведено годишно преиспитување на правата,
  • задоцнето донесување решенија и некомплетност на службената евиденција.

Овие состојби влијаат врз неточно утврдување на фактичката состојба, намалена правна сигурност, нееднакво постапување, ризик од неосновано трошење јавни  средства и намалена ефикасност на системот за социјална заштита.

Во постапката за остварување на правата од социјална заштита, ЦСР најголем дел од документацијата ја обезбедуваат по службена должност преку интегриран информациски систем наречен СПИЛ и размена на податоци со други институции. Иако се склучени меморандуми за соработка за олеснување на постапките, сепак, обезбедувањето на овие податоци претставува предизвик, при што утврдените слабости во размената на информации влијаат врз навременото и правилно остварување на правата.

Поради слабости во системските контроли и размената/преземање на податоци по службена должност за 2024 година ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено, стекнале, односно користеле и права од социјална заштита и пензија, за што неосновано исплатени се 14.536 илјади денари, односно околу 236 илјади евра од кои:

  • 10.763 илјади денари на 190 корисници по основ на гарантирана минимална помош,
  • 426 илјади денари по основ на траен надоместок на 5 корисници и
  • 3.347 илјади денари по основ на правото на социјална сигурност на старите лица кај 40 корисници.

Кај правото на социјалната сигурност за старите лица утврдено е дека 11 корисници кои го оствариле правото без исполнување на условот за возрасната граница за што неосновано исплатени се 3.211 илјади денари или 52 илјади евра. Дополнително, кај 12 корисници во интегрираниот информациски систем не се прикажани податоци дека невработеното лице користи паричен надоместок заради невработеност, поради што не се донесени решенија за престанок или намалување на износот на гарантираната минимална помош за што неосновано исплатени се средства во износ од 740 илјади денари или 12 илјади евра.

Дополнително, ревизорите утврдиле дека ЦСР и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) не ја спроведуваат ефикасно законската обврска за изработка и следење на индивидуални планови за активација на невработените корисници на гарантирана минимална помош (ГМП). Плановите се изработуваат во многу мал обем, најчесто рачно наместо електронски, без функционална соработка, координатори и редовни средби меѓу институциите. Поради ограничени човечки ресурси и недоволна координација, не се преземаат доволно активности за работна активација и вклучување на корисниците на ГМП на пазарот на труд, што придонесува за долгорочна зависност од социјална помош и намалена ефикасност на системот.

Ревизорите утврдиле и слабости и невоедначено постапување во процесот на враќање на неосновано исплатени средства од социјална заштита. МСПДМ нема донесено јасни упатства и процедури за склучување и следење на спогодбите за враќање на средствата, поради што ЦСР различно ги утврдуваат роковите, бројот и висината на ратите. Најголем дел од ЦСР немаат воспоставено уредна евиденција за побарувањата и наплатата.

Исто така, не постои системско следење на уплатите и вратените средства, ниту координација помеѓу МСПДМ и ЦСР, што создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата. Иако се поведуваат судски постапки за наплата, во пракса побарувањата тешко се наплатуваат бидејќи примањата од социјална заштита се изземени од извршување, па корисниците (по определен временски период) повторно можат да остварат право на социјална помош додека долговите остануваат ненаплатени.

Секторот за социјална заштита при МСПДМ не врши анализа на податоците од ЦСР и не ја реализира во целост својата улога во креирање и следење на социјалните политики, што влијае врз квалитетот и ефикасноста на системот.

Воедно, ревизорите утврдиле несоодветни услови за чување и заштита на документацијата во службите за парична помош на МЦСР Скопје. Поголем дел од службите се сместени во бараки со лоши услови за работа и несоодветни простории за прием на странки, а документацијата се чува по ходници и канцеларии, во картонски кутии и регистратори, без соодветна заштита. Оваа состојба не е во согласност со Законот за архивско работење и создава ризик од оштетување, губење или уништување на документацијата, како и недостоинствени услови за работа и прием на граѓаните.

Услови за работа и складирање на документација во ЦСР

A collage of images of a room with a lot of papers

AI-generated content may be incorrect.

A collage of a room full of papers

AI-generated content may be incorrect.

Инспекцискиот надзор при МСПДМ не се спроведува врз основа на целосна евиденција на проценката на ризик, не ги опфаќа сите права со редовен надзор, а намалувањето на редовните инспекции за сметка на вонредните создава можност од намалување на неговата ефикасност во откривање и спречување на неправилности.

Во делот на Нагласување на прашања ревизорите известуваат за нерамномерна распределба и оптовареност со предмети на кадровските ресурси по ЦСР, како и за покренати постапки пред надлежните органи поради незаконитости и сомнеж за неосновани исплати при остварување на правото на социјална сигурност за стари лица.

Во Останати прашања известено е за недоволната прецизност во Законот за социјалната заштита во делот на спроведување на непосредниот увид во домаќинствата што може да доведе до нееднаква примена и одолговлекување на постапките, додека пак Законот за социјална сигурност на старите лица не содржи јасна одредба за враќање на неосновано примени средства, што создава правна недореченост и ризик од неправилна употреба на буџетски средства. Известивме и за преклопување на корисничката основа помеѓу надоместоците за попреченост, помош и нега од друго лице и услуги во домот како и за отсуство на системска размена или преземање  на податоци по службена должност за лицата кои работат без заснован работен однос или престојуваат во странство.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки за унапредување на правната рамка, програмското планирање, постапките за остварување на правата од парична помош и надзорот над нивната исплата, со цел поефикасно и поефективно користење на буџетските средства и намалување на оптоварувањето на системот на социјална заштита.

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]