dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

ДЗР учествуваше на меѓународна конференција за иднината на Скопје и одржлив урбан развој во контекст на „Европска престолнина на културата 2028“

23.04.2026

Државниот завод за ревизија учествуваше на конференцијата „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, која обедини над 400 учесници, претставници на локалната и централната власт, европски институции, граѓанскиот сектор, академската заедница и меѓународни партнери. Настанот, организиран од Град Скопје во соработка со УНДП и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, претставува значаен чекор во подготовките на Скопје за Европска престолнина на културата 2028.

Во рамки на конференцијата, Главниот државен ревизор Максим Ацевски учествуваше на панел-сесијата „Од стратегија до акција“, заедно со експерти од Малта, Естонија и Полска, на која се дискутираше за трансформацијата на стратешките определби во конкретни резултати. Тој истакна дека квалитетното планирање и јасните програми се основа за ефективни јавни политики, со посебен акцент на улогата на јавните претпријатија во обезбедувањето квалитетни услуги на локално ниво.

„Без јасна стратегија, отчетност и професионално управување нема одржливи резултати. Единиците на локалната самоуправа се соочуваат со ограничен фискален капацитет и зависност од централното финансирање, што го отежнува стратешкото планирање и испораката на јавни услуги. Овие предизвици особено се изразени во областа на урбаното зеленило, каде недостигаат развиени механизми и не се постигнуваат утврдените законски стандарди. Потребен е поефикасен и поодговорен пристап во управувањето со цел обезбедување одржлив урбан развој,“ истакна Главниот државен ревизор.

Државниот завод за ревизија останува посветен на унапредување на доброто управување, зајакнување на отчетноста и транспарентноста, како и на одговорно користење на јавните ресурси во функција на одржлив развој и подобрување на квалитетот на јавните услуги.