dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Државниот завод за ревизија го започна процесот за подготовка на новите стратешки документи

20.04.2026

Во периодот од 15 до 17 април 2026 година, во Осло, висока делегација на Државниот завод за ревизија, предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, со неговите соработници и вработени во ДЗР учествуваше на стратешка работилница посветена на подготовката на новите стратешки документи на ДЗР.

Работилницата беше организирана од страна на Националната канцеларија за ревизика на Норвешка, како дел од активностите утврдени со проектниот документ во рамки на Меморандумот за соработка.

На работилницата учествуваа високи претставници и експерти од Националната канцеларија за ревизија на Норвешка, предводени од главниот ревизор Karl Eirik Schjøtt-Pedersen, како и експерти од INTOSAI Development Initiative, кои ги презентираа современите пристапи и алатки за стратешко планирање (SPMR), како и рамката за мерење на успешноста на врховните ревизорски институции (SAI PMF – Supreme Audit Institutions Performance Measurement Framework).

Целта на работилницата беше, преку размена на знаења, искуства и добри практики, да се обезбеди поддршка во дефинирањето на пристапот за подготовка на новата стратегија за развој на Државниот завод за ревизија, која ќе одговори на идните приоритети и предизвици во работењето.

Во рамки на работилницата беа разгледани прашања поврзани со процесот на развој на стратегија, вклучително дефинирање на цели, мерливи индикатори, исходи и резултати, нивната имплементација, следење и известување за реализацијата, како и стратешко планирање во одделни области, вклучувајќи човечки ресурси, комуникации, информатички технологии и ревизија.

Посебен акцент беше ставен на искуството на Националната канцеларија за ревизија на Норвешка во процесот на стратешкото планирање, како и на значењето на усогласеноста помеѓу стратегијата за развој и придружните стратегии, со цел обезбедување ефективно и одржливо институционално работење.

Работилницата се реализираше преку интерактивни сесии, презентации и групна работа, што овозможи активна размена на искуства и идеи, како и конструктивна дискусија за идните насоки на развој на Државниот завод за ревизија.

Оваа активност претставува значаен чекор во процесот на подготовка на новата стратегија за развој и придружните стратегии на Државниот завод за ревизија, кои ќе придонесат кон понатамошно зајакнување на институционалните капацитети, унапредување на ревизорските практики и обезбедување поголема транспарентност, отчетност и ефикасност во работата на ДЗР, а со тоа ќе придонесе кон обезбедување подобри и поквалитетни услуги за граѓаните и управувањето со јавните финансии.