Државниот завод за ревизија ја донесе Годишната програма за работа на ДЗР за 2026 година врз основа на член 9 точка 2 од Законот за државната ревизија („Службен весник на Република Македонија“ број 66/10, 145/10, 12/14, 43/14, 154/15, 192/15, 27/16, 83/18 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ број 122/21 и 3/25), член 3 и член 4 од Правилникот за начинот на вршење на државната ревизија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 264/20), како и Упатството за стратешко и годишно планирање на ревизиите.
Согласно утврдените критериуми во Упатството за стратешко и годишно планирање на ревизиите, ДЗР во 2026 година планира да изврши најмалку 237 ревизии, од кои 217 ревизии на регуларност, 13 ревизии на успешност и 3 ревизии на усогласеност и 4 ревизии на спроведување на дадените препораки содржани во Конечните ревизорски извештаи од минат период.
Од вкупниот број планирани ревизии согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2026 година најмалку:
- 4 (2%) ревизии се задолжителни ревизии и се вршат еднаш годишно согласно член 23 став 1 од Законот за државната ревизија;
- 171 (72%) ревизии се задолжителни ревизии кои се вршат согласно Законот за финансирање на политичките партии и Изборниот законик;
- 27 (11%) ревизии се планирани врз основа на прифатени барања доставени од засегнати страни (согласно Методолошките акти на ДЗР), и
- 35 (15%) ревизии се планирани во согласност со стратешките документи, критериумите за избор уредени согласно професионалните стандарди на ИНТОСАИ, како и критериумите за избор во согласност со Целите на одржлив развој на ОН, Националната развојна стратегија 2024-2044, ОЕЦД-СИГМА и расположливите ресурси за ревизија.
Државниот завод за ревизија како Врховна ревизорска институција во Република Северна Македонија обезбедува целосна примена на Принципите на INTOSAI-P-12 , Вредност и придобивки од ВРИ – правење разлика во животот на граѓаните, притоа остварувајќи ги утврдените цели за секоја ВРИ вклучувајќи го и ДЗР, а тоа се:
- зајакнување на отчетноста, транспарентноста и интегритетот на државните органи и субјекти од јавниот сектор;
- демонстрирање континуирана релевантност за граѓаните, собранието и другите засегнати страни;
- претставува организација за пример.