На покана на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Државниот завод за ревизија учествуваше на јавната расправа посветена на „Имплементација на Истанбулската конвенција со осврт на специјализираните услуги за жени жртви на родово базирано и семејно насилство“.
На настанот, кој го отвори претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, присуствуваа претставници на повеќе институции, меѓу кои и претседателката на државата проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, потпретседателката на Собранието и заменик-министерот за социјална политика.
Од страна на ДЗР, свое обраќање имаше Катерина Чалоска-Алексовска, помошничка на Главниот државен ревизор, која ги презентираше клучните наоди од Конечниот извештај за ревизијата на успешност за спроведувањето на Истанбулската конвенција, со акцент на специјализираните услуги за жените жртви.
Ревизијата, што го опфати периодот 2018–2023 година, покажа дека имплементацијата е делумна: од 52 активности предвидени со Акцискиот план, реализирани се 22, 20 не се реализирани, а 10 се спроведени делумно.
Недостатокот на засолништа, советувалишта, специјализирани сервиси и интегриран систем за размена на податоци, како и недоволното планирање на финансиските средства, го ограничуваат пристапот на жените до навремена и квалитетна поддршка.
На расправата беше истакнато дека е неопходен поусогласен институционален пристап, редовен мониторинг и стабилно финансирање за да се обезбедат ефективни услуги за жртвите на насилство.
Државниот завод за ревизија ќе продолжи да го следи спроведувањето на своите препораки и да придонесува кон создавање систем кој обезбедува сигурност, достоинство и заштита за секоја жена.