dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Промотивен настан за Конечниот ревизорски извештај за имплементацијата на Истанбулската конвенција

27.11.2025

Државниот завод за ревизија на 27 ноември 2025 година го одржа Промотивниот настан за Конечниот ревизорски извештај „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство“. Настанот се реализираше во рамки на глобалната иницијатива „16 дена активизам против насилство врз жените“, испраќајќи јасна порака за потребата од општествена и институционална посветеност кон создавање опкружување во кое секоја жена ќе живее слободна од насилство.

Посебна благодарност беше упатена до UN Women за нивната континуирана поддршка во јакнењето на системите за родова еднаквост и заштита.

Во своето воведно обраќање, Главниот државен ревизор, г. Максим Ацевски, ја истакна улогата на ревизијата како значаен механизам за утврдување на состојбите, предизвиците и системските мерки неопходни за создавање координиран и ефективен систем за заштита од насилство врз жените. Тој ја потенцира важноста на јавната отчетност и на институционалната посветеност кон примената на Истанбулската конвенција.

Поддршка на значењето на овој процес дадоа и обраќањата на меѓународните партнери:

  • Н.Е. Кристоф Зомер, Амбасадор на Швајцарија, ја подвлече долгогодишната соработка и потребата од зајакнување на системите за родова еднаквост;
  • г-дин Микаел Атерхог од Амбасадата на Шведска говореше за важноста од силни институции и нула толеранција кон насилството;
  • г-ѓа Весна Ивановиќ Кастеред, Раководителка на канцеларијата на UN Women, ја нагласи потребата од меѓусекторска координација и континуирана институционална поддршка.

Клучниот дел од настанот беше презентацијата на Конечниот ревизорски извештај од г-ѓа Катерина Чалоска-Алексовска, Помошник на Главниот државен ревизор. Таа ги претстави главните наоди од ревизијата, вклучувајќи ги системските слабости, степенот на реализирани мерки, институционалните предизвици и потребата од поефикасна примена на протоколите за превенција и заштита. Нагласено беше дека функционирањето на системот зависи од координацијата помеѓу институциите и од нивната постојана подготвеност да обезбедат навремена и достапна поддршка за жртвите.

Во експертскиот дел од настанот, г-ѓа Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени говореше за реалните предизвици во практиката, за празнините во системот и за потребата од чувствителен и навремен институционален одговор. Г-дин Мартин Нацевски од UN Women презентираше успешни меѓународни практики и современи предизвици, вклучувајќи го технолошкото насилство, со препораки за унапредување на националните механизми.

Настанот заврши со заеднички заклучок дека спречувањето и елиминирањето на насилството врз жените е заедничка, а не само институционална одговорност. Државниот завод за ревизија ќе продолжи да ја следи имплементацијата на препораките и да придонесува кон создавање системи на заштита кои обезбедуваат сигурност, достоинство и еднаквост за сите жени и девојчиња.