Продлабочувањето на соработката со граѓанските организации и медиумите претставува важен чекор кон поинклузивен, транспарентен и отчетен ревизорски процес – токму ова ја одбележа суштината на денешната работилница организирана од Државниот завод за ревизија, со поддршка на Вестминстер Фондацијата за Демократија (WFD).
Работилницата се одржа во рамки на процесот за подготовка на Годишната програма за работа на ДЗР за 2026 година, при што беа претставени критериумите за избор на теми, воспоставените комуникациски механизми и начинот на спроведување на ревизиите. Учесниците, претставници на граѓански организации и медиуми имаа можност да споделат предлози, приоритети и области од јавен интерес кои треба да најдат место во програмата за следната година.
Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски посочи дека токму партнерството е клучниот предуслов за напредок:
„Граѓанските организации се движечка сила во јакнењето на транспарентноста. Тие носат увид, податоци и искуства што го прават ревизорскиот процес посуштински и пофокусиран. Нашата врата останува отворена за нивни предлози и учество во сите фази, бидејќи само заедно можеме да обезбедиме поодговорно управување со јавните средства и услуги што навистина им служат на граѓаните.“
Во текот на модерираната дискусија беше нагласено дека токму ова партнерство создава услови за појака контрола врз користењето на јавните средства, но и за поголема јавна свест за значењето на ревизијата. Претставниците на граѓанските организации ја поздравија отвореноста на ДЗР и ја истакнаа својата подготвеност за уште поактивно учество, особено во фазата на следење на спроведувањето на препораките.
Работилницата заврши со јасна порака дека за добро управување и интегритет во институциите, неопходна е константна соработка меѓу ревизорската институција, граѓанските организации и медиумите. Само така се гради процес кој не е формален, туку функционален, процес во кој јавниот интерес е поставен во центарот на одлуките.