dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Утврдени неправилности во работењето на ЈЗУ Општа Болница Прилеп и незаконски потрошени средства

18.11.2025

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА                                                                                

 - Соопштение за медиуми-   

Скопје, 18.11.2025 година

 

Утврдени неправилности во работењето на ЈЗУ Општа Болница Прилеп  и незаконски потрошени средства

 

Со ревизијата за 2024 година утврдено е дека  ЈЗУ Општа Болница Прилеп потрошила средства без почитување на релевантната законска регулатива, особено во делот на спроведувањето на јавните набавки и располагање со средствата во готово односно неправилности во благајничкото работење

 

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи, заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Општа болница со проширена дејност Прилеп за 2024 година, при што се изразени неповолни мислења во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива.

Утврдени се повеќе неправилности и слабости во работење на Болницата. Голем дел од обврските се евидентирани и платени ненавремено, селективно и без спроведени контроли, а кон поединечни добавувачи извршени се авансни плаќања без приложени фактури во износ од над 8.000 илјади денари. Преземени се обврски за набавка на стоки и услуги во износ од 15.700 илјади денари без постапка за јавна набавка, а во дел од спроведените постапки утврдивме несоодветна примена на Законот за јавни набавки.  

 

Набавена е медицинска опрема во износ од 26.900 илјади денари без утврдена потреба, при што дел од опремата за биохемиски анализи во вредност од 14.000 илјади денари не е ставена во употреба, иако вработените укажале дека таа не е неопходна.

Фотографија 1

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Со ревизијата се утврдени поголем број на неправилности во благајничкото работење на Болницата. Не се издадени фискални сметки за здравствени услуги во износ од 4.400 илјади денари, а 5.500 илјади денари примени во готовина не се уплатени на сметката на Болницата, туку се исплатени директно преку благајната, што е спротивно Законот за платежни услуги и платни системи,  Средствата во готовина се користеле за исплати на физички лица без договори за дело (4.460 илјади денари), за гориво без доказ за користените возила (449 илјади денари), како и за репрезентација и други расходи без поткрепувачка документација (597 илјади денари). Иако со одлука на Управниот одбор е утврден благајнички максимум од 60 илјади денари, истиот не се почитувал, при што во одделни периоди во благајната имало и до 2.300 илјади денари наплатена партиципација.

 

 

grafikon

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

До крајот на 2024 година установата има побарувања во износ од 20.400 илјади денари кои се постари од три години, а за кои не се преземени активности за наплата. Притоа, приближно 29% од овие побарувања се евидентирани кумулативно, без наведување на конкретен должник (правно или физичко лице), што создава неизвесност во однос на нивната реална наплатливост.

Во текот на 2024 година, во Болницата се ангажирани 131 лице по договор на дело со претходна согласност од Министерството за финансии, за што биле исплатени 41.900 илјади денари.  Во повеќето договори не е наведен конкретен износ на надоместокот, а исплатите биле извршувани според Колективниот договор за здравствена дејност, кој треба да важи само за лицата во редовен работен однос. Ова укажува на неусогласеност со законската регулатива и создава можност за нерационално користење на јавните средства.

 

Болницата во 2024 година исплатила 3.100 илјади денари за дежурства на немедицински кадар, додека за исплати од 1.800 илјади денари за прекувремена работа не е испочитувана законската процедура. Дополнително, персоналните досиеја на 34 доктори не содржат важечки лиценци, кои според систематизацијата се предуслов за редовно вршење на здравствени услуги.

За дел од трошоците во износ од 730 илјади денари кои се настанати по основ транспорт на болнички пациенти во други здравствени установи во државата не е изготвена и приложена соодветна поткрепувачка документација.

 

На 67 правни лица, во 2024 година, Болницата фактурирала по основ на закуп на просторот во вкупен износ од 6.740 илјади денари, при што  не е пријавена и платена обврска за ДДВ во износ од 1.210 илјади денари, поради тоа што Болницата не ја испочитувала законската обврска да се регистрира за обврската по ДДВ односно да добие решение за даночен обврзник по основ на ДДВ.

Исто така утврдено е дека сметководствената и материјалната евиденција на  средствата не се усогласени, и не е спроведен целосен попис на средствата, обврските и побарувањата, што го отежнува проверувањето на точноста и веродостојноста на финансиските податоци.  Дополнително, не е воспоставена детална евиденција на потрошокот на материјалите по пациент, бидејќи потрошокот на залихите се евидентира целосно при нивно издавање од магацинот кон потрошувачките места/организационите единици без контрола на реалната потрошувачка.

За сите идентификувани неправилности и слабости, Државниот завод за ревизија даде конкретни препораки до надлежните лица и органи за нивно отстранување и за унапредување на финансиското и материјалното работење на Болницата.

Сметаме за потребно да истакнеме дека за утврдените неправилности, незаконското користење на средства и изразениот сомнеж за незаконско работење на субјектот предмет на ревизија известени се надлежните органи поради што истите на ден 22.10.2025 година издадоа соопштение со кое информираа дека Основното јавно обвинителство – Прилеп отвори истрага против 32 физички и правни лица поради сомнение за злоупотреби во постапките за јавни набавки и јавни средства во Општата болница „Борка Талески“.

Истрагата е резултат на наодите утврдени во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, кој укажа на неправилности и можни злоупотреби што подоцна станаа предмет на обвинителска постапка.

https://jorm.gov.mk/istraga-protiv-32-fizichki-i-pravni-licza-za-zloupotrebi-pri-javni-nabavki-vo-prilepskata-bolnicza/

 

 

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]