Во периодот од 07 до 09 октомври 2025 година во Сараево, Република Босна и Херцеговина, се одржа конференција на тема „Систем за управување со квалитетот на ревизијата‘‘, организирана од страна на Мрежата на врховни ревизорски институции – држави кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската Унија и Врховната ревизорска институција на Република Босна и Херцеговина, а со поддршка од OECD/SIGMA.
На нивна покана, на конференцијата учествуваа претставници од мрежата на врховните ревизорски институции – држави кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската Унија, меѓу кои и претставници на Државен завод за ревизија предводени од м-р Максим Ацевски – Главен државен ревизор.
Покрај претставниците од Државен завод за ревизија на конференцијата учествуваа 48 учесници од 13 држави, ECA и SIGMA .
Целта на конференцијата беше да се разменат мислења и искуства меѓу врховните ревизорски институции за ревидираниот ISSAI 140 – Управување со квалитет за врховните ревизорски институции, со кој се воведува нова изменета рамка за управување со квалитетот што поттикнува и дава насоки за премин од традиционалниот модел на контрола и осигурување на квалитет, кон воспоставување сеопфатен систем за контрола на квалитет заснован на ризици.
На конференцијата, организирана преку панел дискусија, на која како панелист учествуваше Главниот државен ревизор г. Максим Ацевски, беа споделени искуства, најдобри пракси и предизвици со кои се соочуваат врховните ревизорски институции во осигурувањето и подобрувањето на квалитетот на ревизијата. Исто така, беше истакната потребата за натамошна соработка меѓу врховните ревизорски институции, за изнаоѓање на практичен пристап во примената на ревидираниот стандард, преку примена на современи алатки за управување со квалитетот на ревизијата и воспоставување рамка која одговара на секоја држава поединечно.