Денес, 30 септември 2025 година, во просториите на Државниот завод за ревизија се одржа работилница посветена на зајакнување на соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер во државата и Британската Амбасада во Скопје.
Работилницата ја отворија Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски. Во своите обраќања тие ја потенцираа важноста од институционална координација во процесите на контрола и постапување по утврдените неправилности, истакнувајќи дека партнерството помеѓу ревизорските и обвинителските органи претставува клучен механизам за заштита на јавниот интерес, борба против корупцијата и обезбедување отчетност и интегритет во користењето на јавните средства.
Особено внимание беше посветено на улогата и резултатите од истражните центри во јавните обвинителства, кои како специјализирани единици придонесуваат за поефикасна координација и спроведување на истражните постапки. Нивната работа е од особено значење во собирањето и анализа на податоци, поддршката на обвинителите при водење на истраги и зајакнувањето на институционалната соработка, особено во случаи поврзани со финансиски криминал и коруптивни практики.
Во рамки на работилницата беше разгледана и имплементацијата на Меморандумот за соработка меѓу Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, кој создава цврста основа за заедничко делување и поефикасно постапување по ревизорските извештаи, со цел поголема отчетност и заштита на јавниот интерес.
Исто така, беа организирани одвоени работни сесии за постапувањето по конечните ревизорски извештаи, каде што се споделија искуства и практични предизвици со цел унапредување на идните процеси и зголемување на ефективноста на институционалните механизми.
На крајот од работилницата беа усвоени заклучоци и дефинирани идни активности насочени кон продлабочување на соработката, градење на заеднички пристап и постигнување поголема ефикасност во заштитата на јавните ресурси.