dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Конференција за финансиска отчетност на изборите - презентирани ревизорски наоди и препораки за унапредување на изборните процеси

15.07.2025

Државниот завод за ревизија, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Швајцарската програма за поддршка на изборите во Северна Македонија, спроведена од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), денес организира конференција на тема „Финансиска отчетност на изборите“, која се одржува во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје.

Целта на конференцијата е презентирање на клучните наоди од ревизорските извештаи поврзани со финансирањето на претседателските и парламентарните избори спроведени во 2024 година, како и отворање на дискусија за унапредување на институционалната подготвеност и транспарентноста во финансирањето на изборните кампањи, особено во пресрет на локалните избори во 2025 година.

На отворањето на конференцијата се обратија амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман. Амбасадорот Вал истакна дека транспарентноста и отчетноста се клучни за фер избори и дека ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува јакнењето на институционалните капацитети. Амбасадорката Хулман нагласи дека транспарентното финансирање е темел на демократските процеси и дека јавноста заслужува јасен увид во трошењето на средствата за изборните кампањи.

Во рамки на првата сесија, модерирана од г-ѓа Јоана Козма, директорка на IFES во земјата, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска-Алексовска, ги презентираа наодите од извршените ревизии на финансиските извештаи на политичките партии и изборните кампањи од 2024 година.

„Подготвените поединечни и збирни конечни ревизорски извештаи упатуваат и понатаму на преземање на активности за надминување на системските слабости во Изборниот законик. Нашата крајна цел е да придонесеме кон поголема отчетност, транспарентност и доверба во изборниот процес, а овој форум е платформа за размена на искуства, идеи и иницијативи за идни подобрувања,“ изјави м-р Максим Ацевски, Главен државен ревизор.

Втората сесија се фокусираше на институционалните активности и подготвеност за претстојните локални избори, каде се дискутираше за заштита на изборниот интегритет, надзор над финансирањето на кампањите и справување со предизвиците во медиумската кампања. Свои обраќања имаа претставници од Државната комисија за спречување на корупција, Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Преку активна дискусија, учесниците се согласија дека потребни се посилни механизми за надзор, подобра координација меѓу институциите и јасни правила кои ќе обезбедат транспарентни изборни кампањи.

На конференцијата учествуваат претставници од клучните национални институции, меѓународната заедница и организации кои ја поддржуваат изборната реформа. Организаторите истакнаа дека заклучоците од настанот ќе придонесат кон поотчетни и потранспарентни изборни процеси, во интерес на граѓаните и демократскиот развој на државата.