На покана на Министерството за локална самоуправа, во рамки на проектот: „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој - фазаII, делегација на Државниот завод за ревизија, предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, во периодот од 8 до 9 јули 2025 година присуствуваше на Меѓународната конференција за регионален развој „Регионалниот развој во динамично променлив свет - Иднината започнува локално: Новата визија за одржлив и рамномерен развој“, што се одржа во Гевгелија.
На конференцијата воведно обраќање имаше премиерот на Република Северна Македонија - проф. д-р Христијан Мицковски, министерот за локална самоуправа м-р Златко Перински, и амбасадорот на Швајцарија во Република Северна Македонија - Н.Е. Вероник Хулман.
Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски учествуваше во панел сесијата – Политики што трансформираат: Решавање на клучните предизвици во регионалниот развој каде што ја истакна улогата и придонесот на ДЗР за подобрување на животот на граѓаните, преку „градење ефективни, одговорни и инклузивни институции на сите нивоа“ како и ефикасно управување со програмите и активностите за постигнување ЦОР.
Вложувањата во рамномерен регионален развој е придобивка не само за регионите, граѓаните и правните субјекти туку и основен предуслов за одржување на населените места, подобрување на демографската состојба, спречување на миграцијата и можноста за обезбедување подеднакво квалитетни и навремени услуги за граѓаните.
За таа цел е потребна поголема посветеност како на централно, регионално така и на локално ниво, особено од аспект на зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа за да може да одговори на сите предизвици, да ја зголеми искористеноста на финансиските средства, степенот на реализација на проектите и програмите и квалитетот на услугите, а со тоа ќе овозможи подобар живот за сите граѓани, во своето обраќање истакна Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски.
.