dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Утврдени слабости во работењето на Централен регистар кои влијаат на реалноста на финансиските извештаи за 2023 година

11.02.2025

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Централен регистар на Република Северна Македонија, за 2023 година, при што изрази неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.

Со извршената ревизија утврдена е несоодветно воспоставена сметководствена евиденција на дел од градежните објекти со набавна вредност од 186.635 илјади денари, кои на Централен регистар, му се доделени со извршената трансформација на поранешниот Завод за платен промет. Причина за оваа состојба е несоодветниот третман на градежните објекти како државна поддршка, што влијае на искажаните податоци во финансиските извештаи.

Несоодветно евидентирање е утврдено и кај завршените вложувања во изградба и реконструкција на градежни објекти во износ од 15.185 илјади денари, за кои не се преземени активности за ставање во употреба, иако Централен регистар објектите ги има во владение и поседува имотен лист.

 

 

Фотографија 1

Мебел кој не е ставен во употреба

И по изминати пет години откако е набавен  мебел со вредност од 1.360 илјади денари, истиот не е ставен во употреба, поради што постои ризик да се оштети и да изгуби од својот квалитет.   

Ревизорите утврдиле дека во деловните книги не е евидентирано земјиштето на кое е изграден административниот објект Палата „Лазар Поп Трајков“  и кое со Одлука  на Владата во 2013 година е доделено на трајно користење на шесте државни институции. За ова земјиште по завршување на ревизијата, законскиот застапник презел активности и истото е воведено во евиденцијата на Централен регистар.

 

Извршена е продажба на патнички моторни возила без да се обезбеди согласност од Владата, со примена на интерен Правилник, кој не е усогласен со постапка за отуѓување предвидена во Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.

 

Во 2023 година, Централниот регистар оствари приходи од 367.738 илјади денари за извршените услуги поврзани со упис, обработка и дистрибуција на податоци, при што за овие услуги наплатува соодветен надоместок утврден со Тарифа од Управниот одбор, по согласност од Владата. Меѓутоа, ревизијата утврди дека податоците за бројот и видот на извршените услуги не се во согласност со искажаните приходи во сметководствената евиденција, што ја доведува во прашање точноста и целосноста на прикажаните приходи. Главни причини за ова се недостаток на софтверско решение за поврзување на извршените услуги со наплатениот надоместок, отсуство на контроли при евидентирањето на приходите и примената на попусти или бесплатни услуги во одредени случаи.

 

Во извештајот ревизорите известуваат за несервисираната обврска за долгорочен стоков кредит во износ од 1,4 милиони евра, односно 86.093 илјади денари, која произлегува од Договор од 2007 година склучен со Министерството за економија, за користење на дел од средства одобрени од Меѓународната банка за обнова и развој, во рамки на Проектот за реформа на деловното опкружување и институционално зајакнување, кој требало да биде отплатен заклучно со октомври 2021 година. По насоки од Владата, во 2020 година формирана била работна група за утврдување на статусот и третманот на обврската, но сѐ уште не е донесен конкретен заклучок за постапување.

 

Исто така утврдени се  неусогласености на одредбите од Законот за Централен регистар и Законот за административни службеници во делот на пресметка на платите на вработените административни службеници. Утврдени се и неправилности во спроведувањето на постапките за вработување на административни службеници.

 

Постојат законски недоречености во однос на дефинирање на статусот на Централен регистар на Република Северна Македонија, определување на вредност на основна главнина, прецизно назначување на носител на право на сопственост (основач) и начинот на финансиското известување, кои влијаат врз начинот на вршење на дејноста.

 

Во извештајот е истакнато дека три од воспоставените регистри и тоа: регистар на задолжници, фидуцијарен регистар и регистар за продажба на подвижни ствари со задржување на право на сопственост не функционираат во пракса и од истите не се остваруваат приходи и покрај тоа што има создадени технички можности и услови за нивно користење.

Фотографија 2

Преглед на воспоставени регистри

 

Како причина за нефункционирањето на овие регистри се наведува неприменувањето на задолжница/договори за обезбедување на побарувања во должничко доверителските односи во пракса.

Констатирани се и други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа кои се однесуваат на: нецелосно извршен попис на средствата и обврските, несоодветно пресметување на амортизација на средствата, не преземени активности за законско отуѓување на расходуваните средства, иако истите се отстранети од сметководствената евиденција, не е воспоставено следење на имплементацијата на проектите согласно донесената Стратегија за развој 2023 – 2027 година.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72 228 203 [email protected]

Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]  

Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]